На денешен ден – 25 ноемвриkoco

 

1562.- Во Мадрид е роден Феликс Лопе де Вега, еден од најголемите шпански писатели на “златниот период” на шпанската книжевност. Твореше во сите книжевни родови. Меѓу другото, напиша и 2.200 драмски дела, од кои се зачувани повеќе од 400. Умре во Мадрид, на 27 август 1635 година.

1758.- Британците го окупираа Сенегал.

1763.- Умре францускиот писател Прево, познат по романот „Манон Леско“, според кој Жил Масне и Ѓакомо Пучини напишаа опера.

1783.- Последните британски војници го напуштија Њујорк, на крајот од Американската војна за независност.

1828.- Роден е Фрањо Рачки, хрватски историчар и политичар, словенофил и истакнат идеолог на единството на јужнословенските народи, близок соработник на Јосип Јурај Штросмаер и прв претседател на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб. Од делата познати му се „Борбата на Јужните Словени за државна независност во 11. век“, „Косовска битка“. Умре на 13 февруари 1894 година.

1835.- Роден е американскиот индустријалец од шкотско потекло Ендрју Карнеги, кој огромното богаство го вложи во добротворни цели, главно за основање на јавни бибилиотеки во САД и други земји. Тој ги услови локалните власти да го отстапат земјитешто за зградите на библиотеките и да го обезбедуваат нивното одржување. Од работниот однос се повлече во 1901 година, 18 години пред смртта, а во 1900 година ја објави „Евангелие на богатството“, со тезата дека „богатиот човек умира срамно“.

1844.- Роден е германскиот инженер Карл Фридрих Бенц, кој во 1885 година конструира еден од првите автомобили. Ја основа компанијата „Бенц“ за изработка на бензински мотори и автомобили, од која со здружување настана „Дајмлер – Бенц“.

1874.- Шпанија е прогласена за уставна монархија и на власт е вратена Бурбонската династија. Во 1876 година беше донесен по форма либерален, а всушност реакционерно-монархистички устав, кој остана на сила се до 1931 година.

1881.- Роден е италијанскиот свештенк Анѓело Ѓузепе Ронкали, кој под името Јован XXIII стана папа од 1958 до смртта во 1963 година. Тој беше водач на реформските струји во римокатоличката црква. Во 1962 година го свика Вториот (ватикански) екуменски собор на кој ги најави црковните реформи.

1915.- Роден е чилеанскиот диктатор генерал Аугусто Пиноче Угарто, кој со помош на САД во 1973 година со воен удар го тргна претседателот на Чиле Салвадор Аљенде. Од власта се симна по изборниот пораз во 1990 година, но како доживотен сенатор задржа значително политичко влијание до 1998 година, кога беше уапсен во Лондон на барање на Шпанија која побара негова ексдрадиција.

1920.- Во Скопје избувна штрајк на 120 кројачки работници, кои бараа зголемување на надниците за 10 насто и воведување на осумчасовен работен ден. Работодавците беа категорични против исполнувањето на скромните барања на штрајкувачите, но сепак штрајкот заврши со делумен успех.

1923.- Роден е финскиот државник Мауно Коивисто, шеф на државата од 1982 до 1994 година, прв социјалист на оваа функција. Беше претседател на влада од 1968 до 1970 и од 1979 до 1982 година.

1923.- Во селото Крчишта, Костурско, е роден Михаил Апостолов – Гранати, македонски револуционер и борец за слобода на Македонија, активист и организатор на НОФ за Егејска Македонија. На планината Грамос, во месноста Клепчево, во моментот кога заедно со своите соборци, како политички комесар на баталјон на ДАГ, јуначки се бореше и јуришаше во една од најтешките борби против грчката владина војска, загина на 31 март 1948 година.

1939.– Во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излезе од печат збирката песни “Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставуваше стремеж за афирмација на македонската национална култура.

1941.- Во Втората светска војна загинаа 848 британски морнари кога германска подморница го потона британскиот воен брод „Барам“.

1959.- Умре францускиот филмски и театарски актер Жерар Филип, чија улога се одликуваше со голем сензибилитет. Во театарот со огромен успех ги играше главните улоги во драмите на Вилијам Шекспир, Албер Ками, Пјер Корнеј, Хајнрих фон Клајст, Алфред де Мисе. Филмови: „Ѓавол во тело“, „Фанфан Лала“, „Убавица на ноќта“, „Црвено и црно“, „Големи маневри“, „Опасни врски“, „господин Рипо“.

1965.– Извршен е воен удар во Конго. Генерал Мобуто го собори претседателот Касавубу.

1968.- Умре американскиот писател Аптон Бил Синклер, автор на повеќе романи со социјални теми, политички и социјални акти во кои ги опишува приликите во САД. Дела: „Џунгла“, „Метропола“, „Џими Хигинс“, „Крај на светот“, „Помеѓу два света“, „Претседателскиот агент“, „Свет кој треба да се освои“, „Претседателска мисија“.

1970.- Јапонскиот писател Јукио Мисима јавно ритуално се самоуби во знак на протест против уништување на традиционалните вредности на Јапонија од страна на САД. Дела: „Исповед на маската“, „Шумот на брановите“, „Златен павиљон“, „По банкетот“.

1971.- Данска и Норвешка како први членки на НАТО воспоставија дипломатски односи со Северен Виетнам.

1973.- Во Грција е извршен државен удар во кој е соборен диктаторот Пападопулос. Новата хунта на чело со генерал Гизикис веќе следната година им ја предаде власта на политичарите, па Константин Караминлис ја формира првата влада на национално единство.

1974.- Во Велика Британија вон закон е ставена терористичката Ирска републиканска армија, четири дена по подметнувањето есклозив во два паба во Бирмингем при што загинаа 21 лице.

1974.- Умре У Тант, бурмански дипломат, трипати по ред генерален секретар на ООН (1962 до 1971). Конго, берлинската и кубанската криза, војната во Виетнам, пресметките на Блискиот Исток и индиско-пакистанскиот судир беа драматичните настани со кои се соочуваше У Тант. Роден е на 22 јануари 1909 година.

1975.- Јужноамериканската држава Суринам се стекна со независност од Холандија.

1977.- Генералното собрание на ООН ја осуди израелската окупација на арапските територии само со четири гласа против – Израел, САД, Канада и Салвадор.

1991.- Во Лондон умре рок-ѕвездата, Фреди Меркјури (45), кој боледуваше од сида.

1992.- Собранието на Чешка гласаше за поделба на Чехословачка на посебни држави Чешка и Словачка од 1 јануари 1993 година.

1993.- Во Лондон умре  Антони Барџис, британски писател на романи и литературен критичар. Најпознат е по романот „Пеколниот портокал“. Роден е во 1916 година.

1993.- Весникот “Нова Македонија”, освен со текст, присутен е и со фотографии во сите делови на Европа и светот. Со вклучувањето преку сателитска врска во фото-сервисот на ЕПА (Европска фото агенција), “Нова Македонија” визуелно ги покрива сите значајни дневни настани во светот.

1995.- Во Скопје умре д-р Панчо Давчев, македонски академик, еден од основачите на Клиниката за гастроентерологија во Скопје. Роден е во Велес, на 15 јуни 1922 година.

1998.- Канцеларот Герхард Шредер претседаваше со првата седница на владата на Германија одржана во Берлин по Втората светска војна.

2001.- Странски борци на страната на талибанците кои беа заробени од Северната алијанса се побунија во некогашната тврдина во близина на градот Мазари-и-Шариф. Буната беше задушена во крв после два дена откако со помош на американските бомбардери се убиени сите бунтовници, најмалку 700.

2003.- Американската приватна компанија ATC (Advaced Cell Technology) од градот Вустер во Масачусетс соопшти дека клонирала човечки ембрион. Оваа компанија е првата на која овој изум и тргна од рака, тврдејќи дека тоа го направила заради унапредување на лекувањето на разни болести, а не заради создавање вештачки човечки суштества.

2005.- Умре британскиот фудбалер Џорџ Бест, поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, репрезентативец на Северна Ирска и еден од најдобрите фудбалери во светот во шеесетите години на 20. век. Тој беше најзаслужен за победата на новиот тим во 1968 година со која стана првиот англиски клуб кој го освои Купот на европските шампиони.

2005.- Палестинскиот претседател Махмуд Абас го отвори граничниот премин Рафа, од појасот Газа во Египет со што им овозможи на Палестинците првпат од 1967 година да влегуваат во оваа соседна земја и преку неа подалеку во светот, без контрола на израелските сили.

Избор МИА

Слични содржини