На денешен ден  24 ноември

mf

1632.- Во Амстердам е роден Барух Спиноза, холандски филозоф, материјалист, од еврејско потекло. Во познатото дело „Етика“ строго рационалистички го изложува своето учење според кое Бог и природата се идентични, а светот бесконечен. Познати му се и делата „Теолошко-политички трактат“ и „Политички трактат“. Умре во Хаг, на 21 февруари 1677 година.

1642.- Холандскиот морепловец Абел Јансон Тасман го откри островот Ван Дименова Земја, кој се наоѓа јужно од Австралија. Островот подоцна во негова чест е наречен Тасманија.

1713.- Роден е Лоренс Стерн, англиски писател, претставник на хумористично-сентименталниот роман во Англија во 18. век. Умре во 1768 година.

1729.- Роден е рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најголемите војсководци на 18. век, под чија команда руските трупи извојуваа 57 победи. Во Руско-турската војна од 1787 до 1791 година имаше блескави победи над Турците, а потоа во борбите на Русија против Франција особено се прослави со освојувањето на северна Италија и преминот преку Алпите на враќање за Русија, со што ги вчудоневиди воените кругови во Европа. Низ воената наука ги проучува математиката, географијата и историјата. Многу придонесува во издигнувањето и воспитувањето на руските војници. Кон крајот на 1779 година е наименуван за врховен царски заповедник. Во Советскиот Сојуз во 1942 година е воведен орден „Суваров за високи војнички заслуги“.

1833.- Во Нови Сад е роден Јован Јовановиќ – Змај, српски писател, преведувач, новинар, академик и лекар. Главни негови дела се „Пејанија“, „Трендафилчиња“ и „Свенати трендафилчиња“. Умре во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.

1859.- Објавена е епохалната книга на англискиот природонаучник Чарлс Дарвин „Потекло на видовите“ во која е изложена теоријата на еволуцијата.

1861.- Роден е германскиот лекар Аугуст Карл Густав Бир, пионер на модерната хирургија. Неговиот пронајдок „лумбална анестезија“ прво го испробал на себе.

1864.- Роден е Анри Тулуз-Лотрек, француски сликар и графичар, голем мајстор на литографијата. Се ограничи речиси исклучително, на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен документ. Умре на 9 септември 1901 година.

1906.- Во Горица умре Симон Грегорчич, словенечки свештеник и поет. Неговата родољубива поезија силно влијаеше на будењето на националната свест кај приморските Словенци. Најпозната му е книгата „Поезија“ издадена во 1882 година. Роден е во Врсно, на 15 октомври 1844 година.

1916.- Умре Хајри Стивенс Максим, британски конструктор на оружје, од американско потекло, чиј митралез е конструиран во 1884 година и е наречен „максим“.

1929.- Умре францускиот државник Жорж Бенжамен Клемансо, истакнат француски политичар, премиер од 1906 до 1909 и од 1917 до 1920 година. Беше министер за војни во критичните денови во Првата светска војна.

1936.- Германија и Јапонија го потпишаа таканаречениот Антикоминтерна пакт, кој потоа го потпишаа Италија, Манџуко, Унгарија, Шпанија и Албанија. Под фирмата на овој пакт фашистичките земји го подготвуваа военополитичкиот сојуз, кој е санкциониран во 1940 година како “Троен пакт”.

1944.- Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои се уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

1961.- Советот за безбедност на Обединетите нации ги повика земјите-членки да ја направат Африка безатомска зона.

1963.- Два дена по атентатот во Далас врз претседателот на САД Џон Кенеди, мафијашот Џек Руби го усмрти пред полициска станица осомничениот атентатор Лиј Харви Освалд. Атентатот во Далас остана мистериозен.

1974.- Претседателите на САД и на Советскиот Сојуз, Џералд Форд и  Леонид Брежњев, во Вашингтон постигнаа привремен договор за ограничување на офанзивното стратешко нуклеарно оружје.

1976.- Во земјотресот кој го разруши градот Муради во источна Турција загинаа околу 5.300 луѓе.

1985.- Во Скопје умре Љубен Лапе, редовен член на МАНУ и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Македонската научна и културна мисла загуби еден од нејзините двигатели и основоположници на македонската историографија и архивистика. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје и пионер на просветата во Македонија. Обемното дело на академикот Љубен Лапе го сочинуваат околу 200 научни трудови. Роден е во Прилеп, на 11 октомври 1910 година.

1986.- Заврши последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје – Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почна на 5 јануари 1981 година.

1989.- По масовните демонстрации во Прага, раководството на Комунистичката партија на Чехословачка поднесе оставка, вклучувајќи го и генералниот секретар Милош Јакеш, со што од власта излегоа сите политичари кои соработуваа во воената интервенција на Варшавскиот пакт против Чехословачка во 1968 година.

1989.- Умре Благоја Нешковски, истакнат македонски режисер и писател. Најголемиот дел од својот живот го помина во Австралија, каде што работеше и на меѓународната афирмација на националната самобитност на македонскиот народ. Роден е во селото Оптичари, Битолско, во 1964 година.

1989.- Во Скопје умре Александар Думов, доајен на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Како артист и режисер има работено и во театрите во Велес, во Битола и во Штип. Роден е во Струмица, на 25 февруари 1923 година.

1992.- Во најголемата забележана несреќа во историјата на цивилното кинеско воздухопловство, падот на авионот „боинг 737“ на југот на Кина не го преживеа никој од 141 патник и членови на екипажот.

1992.- Во Скопје, во издание на „Интернационал“, излезе првиот број на независниот економски неделен весник во Република Македонија „Бизнис“. Првиот (пилот) број излезе на 5 ноември 1992 година.

1994.- Во Скопје е отворена Амбасадата на Руската Федерација.

1995.- Во Ирска гласачите со тесно мнозинство и покрај жестоката пропаганда на римокатоличката црква, на референдум изгласаа укинување на забраната за развод, која беше на сила 70 години.

1998.- Генералот Емил Лахуд, првиот претседател на Либан по завршувањето на 15-годишната граѓанска војна ја презеде должноста шеф на државата.

2000.- Во Загреб, Република Македонија ја парафира Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.

2000.- Во Скопје, на седницата на Извршната канцеларија на Демократска алтернатива, е донесена одлука оваа партија да ја напушти власта и „Коалицијата за промени“.

2001.- Градот Кундуз, последното талибанско упориште во северен Авганистан, по 12 дена опсада падна во рацете на силите на Северната алијанса. Градот го бранеа околу 5.000 талибанци и околу илјада странски платеници.

2003.- Во пожар во студенски дом на Универзитетот „Патрис Ламумба“ во Москва, на кој студираат главно странци, загинаа 42 лица, повеќето студенти од Кина, Бандгладеш, Виетнам и неколку африкански земји.

2004.- Умре британскиот книжевник Артур Хејли, чии романи се преведени на 38 јазици и објавени во 40 земји. Дела: „Аеродром“, „Преоптовареност“, „Детектив“./MIA

Слични содржини