Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и  претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева,  денеска  и официјално ја  отворија за сообраќај  третата делница од  булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов на потегот од крстосницата со булеварот 8.Септември до улицата Московска.  Реализацијата на овој капитален проект ќе придонесе за намалување на метежот во сообраќајот во овој дел на градот и скратување на времето на патување.

Градот Скопје денеска и официјално го отвора за сообраќај третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кој во изминативе неколку месеци се прошируваше и се реконструираше на потегот од крстосницата со булеварот 8.Септември до улицата Московска. Проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е уште еден капитален проект на Градот Скопје којшто ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќјот, намалување на метежот и скратување на времето на патување.  Со проширувањето, на оваа делница од булеварот, долга 1.600 метри, се формирани 4 коловозни ленти, по две во секоја насока.

Делницата е асфалтирана на вкупна површина од 19.500 квадратни метри и обележана. Од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари со ширина од по 3,5 метри, со  вкупна површина од 9.550 квадратни метри, коишто се покриени со павер-елементи. Градежните работи на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов беа искористени за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри и профил од 200, 400, 600 и од 1.200 милиметри. На терен е извршена и реконструкција на постојната фекална мрежа, при што на должина од 226 метри се поставени цевки со профил од 600 и 300 милиметри. Извршена е и заштита на гасоводната цевка со профил од 400 милиметри. На проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов работеа градежниците на Трансмет ДОО Скопје. Градот Скопје за овој обемен проект потроши околу 81 милион денари.бТретиот дел од проширениот булевар Митрополит Теодосиј Гологанов го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки со моќност од 250 W.

На осветлување на новореконструираната делница работеа екипите на фирмата „Магнус Инжинеринг“, а за овој зафат Градот Скопје одвои околу 11,6 милиони денари. Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов изнесува 92,6  милиони денари. Со реализацијата на овој значаен капитален проект ја дополнивме сликата за Скопје со широки и поточни улици- истакна градоначалникот Трајановски.

Премиерот Никола Груевски, во своето обраќање до присутните денеска истакна дека е задоволен што заедно со граѓаните на Скопје може да посведочи за уште еден успешен проект кој трае од 2011 година.

–       Оваа гарнитура на Градот Скопје  од 2011 до 2015 година  успеа во неколку фази да го реализира проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кој  заедно со булеварот Илинден и булеварот Партизански одреди, се трите главни сообраќајници во овој дел од градот. Нивното реконструирање и проширување придонесе граѓаните на Скопје да можат  побрзо и побезбедно да стигнат до саканата дестинација – рече премиерот Груевски.

Слични содржини