Дваесет и девет Албанци обвинети за учество во престрелката во кумановско Диво насеље, во која загинаа 18 лица, на судењето што треба да почне во вторник во Скопје, ќе се соочат со обвиненија за тероризам, анализира BIRN

Residents visit the neighborhood where a battle took place over the weekend involving the police and an armed group, in northern Macedonian town of Kumanovo, early Monday, May 11, 2015. (AP Photo/Visar Kryeziu)

Residents visit the neighborhood where a battle took place over the weekend involving the police and an armed group, in northern Macedonian town of Kumanovo, early Monday, May 11, 2015. (AP Photo/Visar Kryeziu)

Доколку бидат прогласени за виновни, 29 лица обвинети дека биле дел од или помагале вооружена група која на 9 и 10 мај минатата година се судри со полицијата во Куманово, се соочуваат со казни од осум години затвор, до доживотен затвор.

Обвинителството, овие лица, од албанска националност, од Македонија и од Косово, кои ја нападнаа македонската полиција, ги обвини за „учество во терористичка организација“ и за „тероризам“.

Исходот од дводневниот вооружен судир во етнички мешаниот град, беше 8 мртви и 50 повредени полицајци. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Обвинетите се наоѓаат во затвор од 10 мај. Тие речиси девет месеци се наоѓаат зад решетки во затворите во Битола и Прилеп.

Седумнаесет лица од обвинетите не се од Македонија, туку од Косово – Сами Укшини Морина, Анди Красниќи Малишева, Деме Шеху, Фадил Елшани, Есат Кафеџоли, Ардијан Бујари, Шефкет Калачи, Хајруш Авдија, Бетим Кабаши, Генци Сефа, Ландрит Рустемај, Мирсат Керими , Валдет Зекај, Бајрам Елшани, Лирим Красниќи, Фатмир Речица и Бек Бајра.

Осомничениот Енвер Хоџа Клајн, има и косовско и германско државјанство.

Останатите десет, Кенан Исени, Фадил Фејзулахи, Ирфан Љутфи, Лирим Демири, Насуф Беќири Неџбедин Љика, Севдаиљ Мифтари, Фејзула Рушитовски, Бесник Ајдини и Арсим Бајрами, се македонски државјани, додека единаесеттиот Руфки Догани, живее во Косово, но е роден во Македонија.

Напад на полициската станица во Гошинце

Обвинителството наведува дека групата, која ја предводеле сега убиените Мирсад Нрецај и Бег Ризај направила план за организирање на терористичка група, обезбедиле пари, оружје и медицински материјали за нејзино функционирање.

Според обвинителството, групата првично, на 21 и 22 април, ја нападнала и ограбила полициската станица во планинските селото Гошинце, во близина на границата со Косово.

Групата украла голема количина на оружје од полициската станица, кое го користела три недели подоцна во терористичкиот напад на полицијата во Куманово.

„Сега починатите Нрецај и Ризај, заедно со Зекај Валдет, Деме Шеху и други непознати лица, вооружени со автоматски пушки и маскирани, ја преминале косовско-македонската граница на 21.04.2015 година“.

„Тие биле пречекани од Насуф Бекири, Фејзула Рушитоски и Сулејман Осман и околу 2,30 часот утрото ја нападнале полициската станица, ги совладале и ги врзале 4-та полицајци, по што ја пребарале станицата и го одзеле оружјето“, констатира обвинителството.

Обвинителството вели дека групата одзела „65 автоматски пушки, 3 пушкомитралези, 2 снајпери, 49 пиштоли, 15.600 парчиња муниција 7,62 мм., над 1.700 парчиња друг вид муниција, двогледи, мотороли, камера, сигнален пиштол со муниција, лисици и друга опрема што била во станицата“.

Според обвинителството, групата го ставила оружјето во возила и заминала, а дел од тоа оружје Сулејман Осман го скрил на локација во селото Брест.

Обвинителството тврди дека групата, по претходно изготвен план, повторно влегла во Македонија помеѓу 2 и 8 мај.

Битката во Куманово

На влез во Република Македонија, групата прво била сместена во селото Отља, во близина на Куманово, во куќа која му припаѓала на обвинетиот Кенан Исени, се вели во обвинението.

Полицијата во Куманово / Фото: АП; Радован Вујовиќ

Следниот ден, со користење на три возила, групата била префрлена во кумановската населба Диво насеље, место на крвавата престрелка, каде што биле сместени во домот на обвинетиот Фадил Фејзулаху.

Утрото на критичниот ден, на 9 мај, кога борбите започнале, Единицата за специјални задачи на МВР постапувала по судска наредба за вршење претрес во објект на истата улица каде што требало да го бараат оружјето украдено од полициската станица во Гошинце.

Обвинителството вели дека крвопролевањето започнало кога групата активирала бомба кон специјалните полициски сили од која биле повредени неколку луѓе и продолжиле да пукаат со рафална стрелба од автоматско и снајперско оружје.

Пукотниците траеле во текот на целиот ден, на 9 мај, а продолжиле и наредниот ден, на 10 мај. Во нападот загинале 8 припадници на македонската полиција, а 50 биле повредени. Биле убиени и десет членови на вооружената група.

Со ваквите дејствија, обвинетите создале страв кај населението, одзеле човечки животи и уништиле имот, со што ги сториле кривичните дела „тероризам“ и создавање „терористичка организација“.

Десетте лица од вооружената група, убиени во престрелката, биле идентификувани како Мирсад Нрецај, Бег Ризај, Самид Кастриоти,Валон Кабаши, Ватлум Вишесела, Џафер Зумерај, Нусрет Каљоши, Арбен Реџај, Тургај Гаши и Рушити Хусен. Сите косовски државјани.

Обвинителството предлага да се сослушаат 49 полицајци, кои учествувале во борбите, како заштитени сведоци. Нивниот идентитет не се открива.

Пред судот како сведоци треба да се појават и сопругите на загинатите македонски полицајци во својство на оштетени.

Обвинителството инсистираше сите обвинети да останат во притвор, нагласувајќи дека некои од нив имаат дозволи за престој и семејство, логистички и финансиски врски во Германија, и дека може да избегаат ако бидат ослободени.

Судии во случајот се Верка Петковска и Горан Бошевски. На обвинението се потпишани двајца обвинители, Наум Пановски и Вилма Русковска, што е редок случај во македонската правна практика, двајца обвинители да работат на еден случај и да го застапуваат обвинението.

За време на судењето, околу судската зграда се очекува многу силно полициско обезбедување. Обвинетите и во текот на судењето во судницата ќе бидат чувани од најмалку тројца затворски чувари на еден обвинет.

Адвокат на најголем број од обвинетите, на 8, е Насер Рауфи, додека останатите адвокати застапуваат по неколку обвинети. Одбраната побарала од судот да дозволи присуство на роднини на обвинетите на судењето.

На јавната расправа за оценка на обвинителниот акт што се одржа во декември пред Основниот суд Скопје 1, сите 29 обвинети, ги негираа обвиненијата за тероризам и изјавија дека до крвавата престрелка дошло бидејќи тие се бранеле од полицијата.

Нивните адвокати ја обвинија полицијата дека во текот на испрашувањето со обвинетите постапувала нечовечно. Тие тврдат дека полициските службеници ги тепале нивните клиенти со денови и не дозволиле да им биде пружена медицинска помош.

Насер Рауфи изјави дека „не видел ниту еден доказ за кривичното дело“ за кое се обвинети неговите клиенти.

Куманово после судирите / Фото: АП; Висар Крјезиу

Доказите се чуваат во кутии и класери

Доказите на обвинителството, доставени до судот, биле спакувани во повеќе од десет кутии и класери.

Тие содржат анализи на телефонски контакти меѓу луѓе од групата со вработени чии телефони се сопственост на државни органи, како Универзитетот во Тетово, Медицинскиот центар Тетово, Фондот за ПИОМ, Стопанска банка Скопје, и други јавни и приватни компании.

Обвинителството соопшти дека евиденцијата е обезбедена со налог на судија од сите мобилни оператори во Македонија.

Доказите вклучуваат и видео и фото документација од местото на престрелката, во која помалку или повеќе беа уништени неколку куќи во Куманово.

Дел од доказите сочинуваат и вештачења на траги од крв, чаури, оружје и други биолошки траги.

Медицинска документација за убиените и повредени во судирите, се чуваат во посебни кутии, вклучувајќи ја и медицинската документација за сите повредени полицајци кои треба да се појават како заштитени сведоци.

Полицијата првично пријави 22 мртви лица во престрелката, но подоцна бројот беше ревидиран на 18, со образложение дека се погрешило во бројот на загинати лица од вооружената група.

Доказите вклучуваат и извештаи од вештачењето на оружјето кое покажало дека потекнува од украденото оружје од полициската станица во Гошинце.

Во листата на докази се спомнуваат и голем број доверливи информации за кои се барало декласификација за да бидат изведени на судењето, а на адвокатите им беше дозволено да извршат увид во нив.

Случај со мноштво импликации

Во 2001 година, Македонија се соочи со краткотраен вооружен конфликт меѓу албанските бунтовници и безбедносните сили.

Конфликтот заврши истата година со потпишување на Охридскиот мировен договор, со кој им беа гарантирани поголеми права на Албанците, кои сочинуваат една четвртина од вкупното население од 2,1 милион лица.

Престрелката се случи во време на длабока политичка криза во Македонија, по обелоденување на тврдењата на опозицијата, дека премиерот Никола Груевски, наредил незаконско прислушување на околу 20.000 лица.

Некои критичари ја обвинија власта за заговор за насилство, со цел да се одвлече вниманието од тековната криза.

Неколку денови по крвопролевањето, македонскиот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесоа оставка.

Во оставката поднесена до парламентот, тие образложија дека нивното заминување не е врзано со настаните во Куманово.

Сомневањата што ги изрази опозицијата и некои политички набљудувачи, дека престрелката била политички договор, за да се оттргне вниманието од политичката криза која ја потресе владата на Груевски, исто така, останаа непотврдени.

Одбраната бара доказите што ќе бидат изведени пред суд да ги вклучат и снимките на телефонските разговори направени од страна на разузнавачки служби на други земји, како и на Македонија, кои, наводно, покажуваат дека власта и платила на групата 2 милиони евра, за да ја изврши оваа операција во Македонија.

Неколку земји на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, ги поддржаа локалните барањата за меѓународна истрага на судирите.

BIRN

Слични содржини