Корисниците на социјална парична помош и туѓа нега, овој месец двапати ќе добијат пари. Надлежните велат дека ја исправаат неправдата која на граѓаните им била направена во 2011 година, кога парите од ноември наместо во декември им биле исплатени во јануари 2012 година. На овој начин, биле оштетени повеќе од 30 илјади граѓани за сума од над 240 милиони денари, вели министерката Царовска. За оваа исплата со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни 200 милиони денари.

„Парите ги враќаме кај граѓаните. Министерството за труд и социјална политика овој месец направи две исплати од социјална парична помош и туѓа нега односно на 1 септември граѓаните добија една исплата, односно таа што е задоцнета и на 14 септември ја добија втората исплата во истиот месец со цел да се исправи неправдата што им е направена на овие лица од најранливите категории“, рече министерката Царовска.

Надлежните ги проверуваат корисниците на надоместоците, бидејќи како што рече Царовска, досегашните податоци покажуваат дека се правеле злоупотреби на голем дел од правата. Вели, дека и други институции се вклучени во истрагата, а резултатите ќе ги соопштат наредната недела. Информираше дека социјалната инспекција прави контроли на терен и проверува дали редовно се исплаќаат парите.