Со писмо до еврокомесарот Јоханес Хан, Делегацијата на ЕУ и американската амбасада, повеќе од 70 невладни организации побраа одложување на датумот за избори. Граѓанските активисти сметаат дека клучните обврски од Договорот од Пржино не се исполнети, со што според нив нема основа за фер, демократски и кредибилни избори.

Непрочистениот избирачки спиок и отсуството на договор за реформи во медиумите, за невладините, се главните аргументи, зошто изборите закажани за април треба да бидат одложени.

“Потсетуваме дека целосното спроведување на Договорот од Пржино треба да означи крај на најдлабоката политичка криза во државата од 2001 година наваму и да резултира со одржување фер, слободни и демократски избори. Ние граѓанските организации бараме од ЕУ, САД и другите домашни и странски фактори вклучени во решавањето на кризата да ги уважат нашите аргументи и да ги одложат предвремените парламентарни избори се додека не бидат исполнети точките од договорот во Пржино и од итните реформски приоритети кои се однесуваат на изборите. Нашата единствена цел е овозможување фер и вистинска атмосфера во која што ќе веруваат граѓаните и ќе ја препознаат како можност за артикулација на својата волја за политички избор.

Апелираме до сите политички партии вклучени во преговарачкиот процес да се однесуваат одговорно и демократски и итно да ги спроведат договорените решенија и да постигнат договор за се што не е договорено а е од суштинско значење за фер и демократски избор. Бараме од сите надлежни институции – МВР, Јавно обвинителство, Специјалното обвинителство и надлежните судови итно да постапат по сите индиции или допрен глас, за елементи на говор на омраза, поттикнување на нетрпеливост кон поедини групи и поединци”- рече Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено општество Македонија.

Слични содржини