А од каде ќе почнат реформите во администрацијата?

од Vladimir Zorba

Вработените во администрацијата кои седат дома, а земаат плата наскоро ќе добијат работни задачи, но каква е состојбата со вработувањата  во јавниот сектор – треба да покаже Функционалната анализа што ја изработува Министерството за информатичко општество.

Владата ги преброи административците вработени во предизборието и за изборите, но конечната бројка на вработени во јавниот сектор ќе биде објавена до крајот на годинава.

Дел од експертите за неделната економска анализа на Portalb.mk велат дека департизацијата на администрацијата мора да биде приоритет на новата Влада.

Каква е етничката структура на администрацијата ?

Изборни вработувања, привремено вработени, седат дома а земаат плата – претстојната реформа во администрацијата ќе значи и решение за бројни проблеми  со кои сега се соочува овој сектор.

Според законската регулатива, бројот на вработени со договор за времено вработување не може да надмине 1 % од вкупниот борј на вработени. Пред да се посегне по длабински реформи, потребна е функционална анализа која треба да ги покаже состојбите – каде има превработеност а каде недостаток на кадар во администрацијата, велат експертите.

„Македонските институции на државно и локално ниво се исправени пред предизвикот од спроведување на целосна анализа на капацитетот и развојниот потенцијал на вработените во македонската администрација, со цел свртување на вниманието кон нивниот реален а не очекуван квалитет. Овој процес подразбира изготвување на следните системски реформски документи за јакнење на административниот капацитет на македонските институции“, вели за Portalb.mk универзитетскиот професор, Леонид Наков.

Најголема процентуална застапеност на административци од албанската етничка припадност има во секретаријатите во Владата со 86.6, следува затапеност од 40.9% кај Народниот правобранител, а на трето место, според  учеството на етничките албанци во државните институции е Собранието со 25.1%.

Најниска затапеност според податоците од Регистерот има во Уставен суд со 4.3% а воопшто не се застапени во Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор како и кај Државната комисија за  жалби по јавни набавки Скопје. На ниво на министерствата застепеноста на вработените од албанска националност изнесува 20.4%.

Доколку се разгледа етничката структура во министерствата, се забележува дека има министерства во кои Македонците се позастапени, има министерства во кои Албанците се позастапени, но во најголемиот број на министерства нема соодветна и правична застапеност на припадниците на останатите немнозински заедници – се посочува во Регистарот на јавни службеници.

Додека Владата најави пребројување на административците и можни нови реорганизации и систематизации, дел од економистите – стопанственици велат дека во тој пакет мора да се најде и решение за оние што седат дома а земаат плата од Буџетот.

„Не постои менаџер во Македонија кој не се судрил со непродуктивна бирократија, хоризонтално на сите полиња во државниот апарат. Тоа е една работа, од друга страна факт е дека ние, а кога велам ние мислам на стопанството, плаќаме административци коишто седат дома, а се вработени по партиска заслуга. Што ќе правиме со тие луѓе? Излегува дека квалитетни луѓе, со многу знаење плаќаат неквалитетни. Овие административци, вработени на ваков начин според мене се недомаќини, ги трошат парите што другите тешко ги заработуваат“ – вели економистот Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери.

Според него секој месец од буџетот се дават милиони евра во бунар- за плати на партиски војници.

Токму за овие вработени кои по Рамковен договор се дел од администрацијата, но седат дома, ресорното министерство најава системтизација. Овие вработувања се нотирани и во Регистерот на јавни службеници.

„Од  2009 година до 2015 година, преку К5 програмата објавени се вкупно 29 огласи од страна на Агенцијата за администрација за вработување на 2898 државни службеници. Основен проблем на овој на чин на вработување низ годините, е што истиот не ги земаше предвид потребите на институциите за соодветни профили на вработени“ – се наведува во Регистарот на јавни службеници за 2016 година и се додава:

„Во изминатиот период значителен број на лица од К5 програмата беа распоредени во други институции на јавниот сектор, а во моментов во Секретаријатот преку оваа програма работен однос имаат засновано 1.743 државни службеници“.

Според достапните податоци од Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација,  на 31 декември 2016 година во институциите на јавниот сектор од 110.311 вработени 82.900, односно 75,15% се Македонци, 21.279, односно 19,29% се Албанци, 1.781, односно 1,61% се Турци, 1.272, односно 1,15% се Срби, 1.215, односно 1,10% се Роми, 479, односно 0,43% се Бошњаци, 478, односно 0,43% се Власи, а 907, односно 0,82% се други или не се изјасниле.

Според половата застапеност, од вкупниот број на вработени Албанци во јавниот сектор, 14,2% се Албанки.

„Од нив најмногу се вработени во дејноста образование 53%, потоа во дејноста здравство, 18%, па потоа следи управата 15%. Кај мажите, од сите вработени мажи во јавниот сектор 25% се припадници на Албанската заедница, при што најмногу од нив, 37% се вработени во дејноста образование, 22% во управата, 14% во комуналните дејности, 9% во дејноста здравството итн“ – се наведува во извештајот за 2016 година.

Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски објави дека во изборен процесс, пред да ја напушти власта, претходната владеачка гарнитура вработила  над 7.700 нови административци а повеќе од половината добиле согласност за работа истиот ден кога биле распишани изборите.

Слични содржини