Ад-хок телото за мониторирање на медиумите со три гласа „за“ и два „против“ одлучи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) да поведе прекршочна постапка против телевизија Сител за небалансираност во известувањето.

Од ваквиот предлог на ад-хок телото се изземаат двајцата членови кои гласале „против“, Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова со став дека има како што велат, значително подобрување во известувањето на медиумот. Тие сметаат дека прекршочната постапка е неоснована и базира на субјективно подготвен извештај од страна на ААВМУ.

ad hok

Чилиманов и Димишкова подготвуваат издвоено мислење, а денеска изјавија дека со одлуката за поведување прекршочна против Сител се потврдува дека ад-хок телото трпи директни притисоци и наметнувања ставови од Агенцијата.

– Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски вчера присуствуваше пред почетокот на седницата на ад-хок телото и не информираше дека според извештајот што е поднесен, ААВМУ би препорачала казнување на медиумите Сител и Нова ТВ што беше силна сугестија и влијаеше на натамошната работа на членовите на комисијата, изјави Чилиманов.

Дополнителна причина за загриженост, додаде, е тоа што во извештајот на повеќе страници детално се опишуваат постапките, ставовите и гримасите на еден уредник во Сител. Оттука, оценката се однесува на еден човек, а не на цела телевизија.

– Извештајот за Сител е фокусиран на само еден човек и буквално наликува дека е субјективно направен, конретно за еден човек. Оттука оценивме дека станува збор за лична пресметка, а ад-хок телото и Агенцијата не се места за лични пресметки, објасни Чилиманов.

Чилиманов и Димишкова порачаа ако политичките партии сакаат да упатат какви било забелешки до ат хок телото тоа треба да го прават директно, а не преку лажни меилови и дојави.

Според Љубомир Костовски, еден од членовите на ад-хок телото што ја поддржува прекршочната пријава за ТВ Сител, има основа за поднесување прекршочна пријава.

– Не гледам што е толку возбудливо што се поднесува предлог-мерка за некоја телевизија. Не знам зошто Сител би бил нешто посебно за после пет минуи од гласањето, да имаме прес-конференција, изјави Костовски според кој допрва на ад-хок телото му претстои работи и сигурно ќе има и други постапки.

Привремената комисија за следење на медиумите го разгледува вториот десетдневен извештај./МИА

Слични содржини