Адвокатите на Дурловски сметаат дека и куќниот притвор е престрога мерка

од desk2

На денешното рочиште во Апелацискиот суд, адвокатите на оперскиот пејач Игор Дурловски, побараа укинување на притворот и негова замена со куќен притвор или друга поблага алтернативна мерка за неговото учество во насилството во Собранието на 27 април минатата година.

Неговиот бранител Ставре Џиков наведе дека, „со укинувањето на притворот ќе се постигне правичност“. Тој истакна дека со притворот не само што му се ограничува слободата туку се влијае и на неговиот интегритет и на неговото семејство.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека „станува збор за решенија по урнек во кои нема посебни околности зошто на Дурловски да му биде продолжен притворот.“

– Во ниту еден од овие наводни докази кои што ОЈО се уште не ги прибавило, Дурловски не може да има влијание. Степенот на кривична одговорност според европскиот суд не може да биде основ за притвор – рече Миланов пред Судот.

Според него и куќниот притвор во случајот би бил престрог и додаде дека „во секое време се подготвени да го депонираат пасошот на Дурловски во суд.“

Двајцата адвокати посочија дека Дурловски е уметник и дека тој заедно со неговата сопруга ја претставува земјава во светот.

Претставникот на Вишото јавно обвинителство рече дека жалбата на Дурловски треба да биде одбиена како неоснована и да се потврди притворот.

Дурловски само кратко рече дека останува на ставовите на неговите адвокати, без да додаде ништо повеќе. На седницата беше присутна и сопругата на Дурловски, Ана Дурловска која носеше маичка со ликот на Дурловски и натпис „правда за Игор“ на англиски (justice for Igor)./Мета

Слични содржини