Адвокатката на Праљак не знае како тој дошол до отровот

од desk4

Адвокатката на поранешниот хрватски генерал Слободан Праљак, кој вчера си го одзеде животот пиејќи отров за време на изрекувањето на второстепената одлука во Хашкиот трибунал, денеска за „ХРТ“ изјави дека не знае како тој дошол и го внел напиток во судницата и оти не видела кога го испил.

Адвокатката Ника Пинтер за хрватската државна телевизија вели дека со Праљак разговарала само телефонски пред да го види во судницата.

Праљак го испи отровот, од кој почина неколку часа подоцна, веднаш откако судијата на жалбениот совет на Хашкиот трибунал соопшти дека советот ја потврдува првостепенета пресуда од 20 години за воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-те години.

Пинтер изјави дека безбедноста во судот е многу строга и дека „не гледа како ова можело да се случи“.

Таа вели дека обвинетите се внесуваат во судот преку посебен влез и се држат одвоени едни од други, додавајќи дека безбедноста е, исто така, многу строга и во затворскиот дел на Трибуналот.

Пинтер, како што објави „ХРТ“ синоќа била испрашана од холандската полиција околу тоа дали знае што испил Праљак и како дошол до отровот.

Слични содржини