Ахмети: Претседателството ќе разговара за опциите на ДУИ

од Vladimir Zorba

 

Претседателството на Демократската унија за интеграции (ДУИ) се очекува денеска повторно да се состане во седиштето на партијата во Мала Речица каде што ќе продолжат внатрепартиските разговори за составување нова влада со СДСМ. 

Лидерот на партијата Али Ахмети денеска најави дека на средбата ќе се разговара за можностите и за опциите на ДУИ имајќи ги предвид изборните резултати, но исто така опфаќајќи ги и можностите на останување на партијата во опозиција. Ова тој го кажал  и за време на разговорите со британскиот министер за Европа и Америка Алан Данкан.

Ахмети посочил и дека во донесувањето на својата одлука ќе ја земе предвид волјата на гласачите на ДУИ Албанци, но и очекувањата на граѓаните и меѓународни пријатели.

– Земјата ја очекуваат многу предизвици и ДУИ ќе има конструктивна улога, истакнал Ахмети, според соопштението од партијата.

Лидерот на ДУИ, истакнал дека заокружувањето на Охридскиот рамковен договор, владеењето на правото и евроатлантските интеграции се предуслов за стабилноста и безбедноста во земјата и побарал поддршка од Лондон за членство на Македонија во НАТО.

Партискиот партпарол Бујар Османи вчера изјави дека досега во разговорите со СДСМ е затворено прашањето за употребата на албанскиот јазик, но оти тоа по автоматизам не значи поддршка за формирање на влада, туку само надминување на една важна препрека од процесот.

ДУИ ЌЕ РАЗГЛЕДУВА И ОПЦИЈА ДА ОСТАНЕ ВО ОПОЗИЦИЈА

– Значи, точно е дека една важна препрека ја надминавме вчера. Меѓутоа, остануваат и други прашања коишто треба да се усогласат доколку решиме на заедничко владеење во наредниот период. Треба да се усогласат платформи помеѓу партиите за целиот мандат, така да има прашања кои партии ќе бидат во коалиција, има прашања коишто треба да се разговараат. Затоа, ова вчера што се случи не значи по автоматизам поддршка за формирање на влада, само надминување на една важна препрека од процесот. Меѓутоа, понатаму ќе продолжиме да ги разгледуваме и другите прашања, рече Османи.

Слични содржини