Преку штетни менаџерски договори и договори за закуп претходните раководства му нанеле штета на буџетот од околу 39.000.000 евра, посочи министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на денешниот отчет за 100 – те дена влада.

 

 

– Наследивме огромни долгови. Само за изведба на Македонската филхармонија, на празен буџет, државата им должи на изведувачите над 900 милиони денари или околу 15 милиони евра. Во многу установи се забележани договори за огромни хонорари во однос на остварените задачи. На пример, за оркестрирање концерт во Филхармонијата биле исплатени 200.000 денари, сценариото за отворање на „Охридско лето“ чинело 150.000 денари, изведба на сцена за Струшките вечери на поезијата чинела дури 750.000 денари, реализирана преку авторски договор со физичко лице, договори без распишување тендер на сума поголема од 30.000 денари имало во Македонската филхармонија, а да не ја заборавиме ни фактурата за коктелот на отворање на новата зграда на Филхармонијата од 646.000 денари, рече Алаѓозовски, додавајќи дека спорно за овој објект е и тоа што е отворен без технички прием што, рече, е тешка повреда на процедурите која можела да загрози и нечиј живот.

За новите раководители во установите информираше дека се назначени од самите колективи и дека нивниот мандат е ограничен на најмногу шест месеци, по што ќе следуваат конкурси за избор на нови раководители кога со свои програми ќе може да конкурираат и лица надвор од установите.