Поранешниот долгогодишен директор на американската Управа на федералните резерви (Фед), Ален Гринспен смета дека Грција „ќе мора да ја напушти еврозоната“.

гриспен

Во интервју за Би-Би-Си, Гринспен рече дека не гледа кој би можел да се согласи да и дава уште позајмици на Грција за да може Владата во Атина да ја потикне „проблематичната“ грчка економија.

Иако грчката Влада бара нови преговори за покривањето на нејзината неликвидност, Гринспен смета дека сегашната ситуација меѓу Грција и „тројката“ кредитори – ЕУ, Европската централна банка и ММФ, не ќе може да се разреши без излегување на земјата од зоната на еврото.

– Верувам дека Грција ќе замине, иако не мислам дека тоа ќе и помогне на Атина, но и на другите земји во еврозоната. Сепак, само прашање на време е кога сите ќе сфтат дека разделбата е најдобрата стратегија, оценува Гринспен.

Овој американски финансиски експерт, кој раководеше со Фед, која ја има улогата на централна банка на САД, од 1987 до 2006 година, смета дека целиот проблем е во тоа што нема начин да се одржи еврото, ако сите членки на Европската монетарна унија не бидат и политички интегрирани, бидејќи, според него,  најавената фискална интеграција сега веќе нема да помогне.

Гринспен, кој е познат како критичар на еврото и кој го осудуваше неговото создавање, сега верува дека формирањето заедница од типот на Соединети европски држави, по примерот на САД, може да ја спаси заедничката европска валута.

Прогнозите на Гринспен доаѓаат во време кога новиот грчки премиер Алексис Ципрас признава дека земјата не може да ги сервисира своите долгови.

Но, наместо досегашното извлекување на Грција од нејзините тешкотии со префрлање на по 7,2 милијарди евра за одржување на финансиската ликвидност, новата Владата на левичарската партија Сириза, бара нови позајмици за премостување и за „здивнување“ на земјата од мерките за штедење и кратењето на буџетската потрошувачка.

Сегашното покривање на неликвидноста истекува на 28 февруари и Атина мора да направи договор со свооте патнери и кредитори за да ја добие новата транша пари./МИА

Слични содржини