Министерот за надворешни работи на Италија, Анџелино Алфано нагласува дека на самитот во Трст на 12 јули, од лидерите на Западен Балкан ќе биде побарано силно да се обврзат дека ќе ги консолидираат демократските институции, ќе применат владеење на законот и развијат модерна и конкурентна економија.

– Потребно е да се надминат внатрешните поделби и обвинувања од минатото и неповратно да се избере Европа. Само преку дијалог и силен импулс за помирување ќе биде можно да се погледне со оптимизам кон иднината. Веќе не е време за двоумење, туку е време за избор.

На македонските пријатели, им е впрочем позната политиката на силна и лојална поддршка на нивните евро-атлантски аспирации која Италија секогаш, конкретно, ја давала, наведува Алфано во изјавата. Тој додава дека самитот во Трст е четврта фаза – по Берлин, Виена и Париз – на еден процес кој започнува со „далекусежноста“ на канцеларката Меркел, за да се даде импулс на демократската, економската и социјалната транзиција на Западниот Балкан.

Алфано очекува во Трст одобрен значителен пакет нови инфраструктурни проекти во областите на енергетиката и транспортот, откако во текот на годината беа отворени првите проекти одобрени на претходните самити. Тој очекува и продлабочување на процесот на регионалната економска интеграција со цел да се ослободи потенцијалот на пазарот кој се состои од 20 милиони луѓе.

Алфано вели дека самитот е можност да се разгледаат клучни прашања за иднината на граѓаните како и потпишување на Договорот за основање на Заедница на Транспорт.

– Исто така ќе поставиме основа за зајакната соработка во борбата против тероризмот и радикализација и во справувањето со неконтролираните миграции кои се во рацете на криминалните групи, нагласува тој.

– Тоа се важни чекори кои сведочат за нашата желба да ги придружуваме земјите на Западниот Балкан и оваа земја кон основната цел на европската интеграција, но кои, исто така, покажуваат зголемена подготвеност на Балканот да ја земат иднината во свои раце. Трст сака да даде сигнал на конкретен оптимизам, на патот на една заедничка судбина, наведува Алфано.

Слични содржини