Амбасадата на САД без телефонски линии – пријавено возило позитивно на експлозив

од Vladimir Zorba

amerikanska-ambasada

Американската амбасада во Македонија синоќа преку социјалните мрежи соопшти дека телефонските линии и се надвор од употреба и во итни случаи, граѓаните на САД во Македонија да го контактираат американскиот Стејт департмент.

„Телефонските линии на амбасадата во моментот не се оперативни. Доколку ви е итно и имате потреба од помош, контактирајте го оперативниот ценат на американскиот Стејт департмент на +1-202-647-1512“, стои во твитот на официјалниот профил на Амбасадата на САД.

Објавата доаѓа неколку часа, откако од амбасадата, како што јавуваат медиумите, вчера околу 18 часот во МВР пријавиле сомнително возило пикап, марка „застава“ оставено пред влезот на амбасадата на САД во Скопје.

Како што јавува „Телма“, безбедносните служби на амбасадата со посебна опрема го провериле возилото, при што утврдиле дека истото е позитивно за траги од експлозив.

Припадници на единицата за антитероризам при МВР веднаш излегле на терен и направиле проверка на возилото, но во него не е пронајден експлозив. По претресот, возилото е одземено и однесено на натамошно тестирање.

Засега не се откриваат повеќе детали за случајот, ниту пак се соопштува дали е познат идентитетот на сопственикот на возилото. Во меѓувреме, американската амбасада ги зголеми безбедносните мерки околу објектот.

Инцидентот се случува пет ден пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември и неполни два и пол месеци, откако ненајавена вежба на припадници на полициската единица „алфи”, на 15 ти септември го активираше безбедносниот систем на амбасадата на САД.

Слични содржини