Амбасадори од ЕУ – избори не се решение

од Vladimir Zorba

– Изборите што се одржаа во декември беа слободни и фер, како што потврдија многубројните меѓународни набљудувачи. Затоа би имало многу малку корист од нови избори толку брзо по изборите во декември. Сметам дека само ќе ја пролонгираат кризата, која веќе трае долго, вели Ваутер Пломп, амбасадор на Холандија.

За шведскиот амбасадор во Македонија Матс Стефансон одржувањето избори е опасна опција. Но партиските лидери можеби треба да почнат дијалог.

– Нови избори во ваква  ситуација би се одржале во клима на екстремна конфронтација, што не е добро за стабилноста. Решението треба да се бара во Уставот. Мислам  дека е прерано и за Пржино 3 и не сум чул дека за тоа се разговара. За лидерски средби, немам инсајдерски информации, но во ситуација на таква конфронтирачка  политичка клима во Македонија дијалог меѓу опозицијата и владата не е лоша идеја, но тие треба да решат, вели Матс Стефансон, амбасадор на Шведска.

Нова влада, а не нови избори, порачува и словенечкиот амбасадор.

– Фокусирајте се на суштината, обидете се да формирате влада, според односите во парламентот, не гледам потреба за нови избори, изјави  Милан Јазбец, амбасадор на Словенија

Тројцата амбасадори не  ги потврдија  најавите на германскиот весник Шпигел дека во Европската Унија се дискутира за воведување санкции со забрана за патување и блокада на сметки на водечките македонски политичари. Според неофицијални информации од дипломатски кругови,  тешко е да се постигне консензус во Европската Унија затоа што наспроти Германија и Холандија кои се најгласни  за санкции, против се Франција, Италија, Грција и Унгарија.

Извор Телма

 

 

Слични содржини