„Амнести Интернешанл“: Во светот расте говорот на омраза

од Vladimir Zorba

 

Политичките лидери од целиот свет со своите говори ја поттикнуваат омраза и намерно создаваат страв и вознемиреност меѓу одредени категории на луѓе, оценува организацијата за заштита на човековите права „Амнести Интернешанл“.

– Ваквата отровна реторика го направи светот поопасно и помрачно место за живеење, се наведува во документот од 408 страни посветен на почетувањето на човековите права во 159 земи од целиот свет во текот на 2016 година. 

Според АИ, 2016-та била година на „цинично користење на реториката ние против нив“, при што заканите, омразата и стравот добиле глобални размери до ниво кое „не е забележано од 30-те години на минатиот век, кога нацистичкиот лидер Адолф Хитлер дојде на власт во Германија“.

Меѓу лидерите кои во своите настапи манифестирале говор на омраза, организацијата ги посочува претседателите на САД, Турција и Филипините, Доналд Трамп, Реџеп Тајип Ердоган и Родриго Дутерте, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Тие со своите зборови на исклучивост сурово омаложважуваат цели општествени групи и ја шират идејата дека некои луѓе се помалку вредни од другите, Први на удар се мигрантите, констатира организацијата.

Како примери за ваквите појави АИ ги посочува уредбата на Трамп за забрана за влез во САД на државјаните од седум претежно мулсимански земји, која беше блокирана со судска одлука, но и договорот меѓу ЕУ и Анкара за запирање на мигрантскиот прилив кон Европа, со кој се предвидува враќање на илегалните мигранти во Турција.

– Отровната реторика што ја користеше Трамп во предизборната кампања, илустрира една глобална тенденција на гневни политики на поделби. Политичарите бесрамно и активно промовираат реторика и политики на омраза базирани на идентитетот на луѓето, расизмот, омразата кон жените и хомофобијата. Прва цел се мигрантите, но ако ваквата тенденција продолжи и во 2017 година, цел на напади може да станат и други категории на лица, се истакнува во извештајот.

Презентирајќи го извештајот, директорот на АИ за Европа, Џон Далхаузен наведе дека странците и муслиманите станале главна цел на „европската демагогија, кој овие луѓе ги претставуваат како закана за безбедноста и националниот идентитет, како крадци на работни места и како злоупотребувачи на социјалните системи“.

Слични содржини