Ангела Меркел, приватно – еден речиси нормален живот

од Vladimir Zorba

   

Германската канцеларка Ангела Меркел, која својот приватен живот многу успешно го држи под контрола, како порано така и по изборите, секогаш одново буди интерес кај јавноста, не само за тоа што го работи и какви политички одлуки донесува, туку и за тоа каква е надвор од очите на јавноста, како живее, каде купува, каде патува, каде го запознала првиот маж, кој е нејзиниот втор маж, каков стан има… 

„Дури ни министерот за финансии Волфганг Шојбле не го знае нејзниот стан”, пишува во актуелниот број на германскиот месечен весник „Вју” (View) и наведува дека на вратата на четвртиот кат во Ам Купферграбен 6, на берлинскиот „Остров на музеите” стои само „Професор Зауер” и дека од тоа не се знае ништо повеќе за изнајмениот стан во кој живее Ангела Меркел и нејзиниот маж, професор по квантна хемија.

„Станот пред се делува студентски, но ни нејзините блиски соработници како Шојбле или портпаролот на владата Штефен Зајберт, никогаш не биле таму” – пишува „Вју” и наведува дека таква прилика имала на пример оперската дива Ана Нетребко, бидејќи Меркел многу сака опера.

За Меркел, фаворит на септемвриските избори, која посебно во ова време на предизборната кампања и трката привлекува интерес кај јавноста, се вели дека ја гледа целиот свет, а дека таа пак успева да живее „еден речиси нормален живот”.

Неколку места, на кои може да се одмори, на Меркел и се речиси свети. Така секогаш кога може, ги поминува викендите во својата викендица во Хоенвалд, кај Укермарк, 20 километри источно од Темплин.

„Таа тука собира сила, слуша гласна класична музика, радиото стои покрај шпоретот и готви чорба од компир од градината. Тука ретко прима гости. Тој што сака да ја фотографира нејзината куќа, бранденбуршката полиција љубезно, но одлучно го замолува пред нивните очи да ја уништат фотографијата” – пишува овој магазин.

Иако по 12 години од нејзината функција канцелар, се верува дека за неа се знае многу, всушност многу нешта и не се знаат, како на пример, дека е кусогледа и дека многу ретко носи очила, главно во новогодишното обраќање до нацијата, кога чита од телепромптер или на фудбалските натпревари, а во сите други ситуации, носи контактни леќи.

За неа исто така се вели дека не сака да телефонира, но дека многу страствено пишува СМС пораки, кои ги пишува „на слепо”.

„Нејзиниот мобилен телефон е нејзина мобилна канцеларија. Таа неделно праќа стотици куси пораки” – пишува овој магазин.

За Меркел се знае и дека првиот маж, студентот по физика Улрих Меркел, го запознала во 1974 година, на едно патување по Русија, а дека 33 години живее заедно со професорот Зауер…

Кога станува збор за местата на кои излегува, наводно добро се чувствува во еден берлински ресторан, каде гостилничарот е Грк, готвачот Италијанец, а амбиентот е во стил на париските бистроа.
Тука Меркел наводно порачува „кафтедес” грчки ќофтиња од мелено месо, наведува „Вју”

Заедничкиот пријател на брачната двојка Меркел-Зауер, планинарската легенда на Јужен Тирол, каде Меркел редовно се одмара, Рајхолд Меснер пред неколку години за италијанското списание „Венити Феир” раскажал еден настан, кога едно од децата на професорот Зауер од него побарал совет во врска со проблеми на факултет и кога Меркел сакала да се вклучи во темата, а мажот шармантно ја прекинал:

„Госпоѓо канцеларке, Вие сте веќе подолго време далеку (од универзитетот)… Вие повеќе не ги разбирате тие работи…” – рекол Зауер на својата сопруга, вели нивниот пријател Меснер, кој секогаш е воодушевен од Меркеловата желба и одлучност за планинарење.

„Се искачуваа шест часа без тренинг и притоа без пауза за јадење…” – ги раскажувал Меснер доживувањата со Меркел.

За Меркел овој планинарски експерт вели дека таа, всушност не прифаќа никакви бонуси и луксуз и дека инсистира да плати се од нејзин џеб.

„Вклучувајќи го и еспресото” – рекол Меснер.

Кога станува збор за Меркел и нејзините одмори, таа е позната по тоа што се одмара на ист начин како и милион Германци и што не оди на скапи јахти на богаташи кои би сакале да ја пречекаат, ниту во ексклузивни вили, а еден дел од тајната на нејзиниот успех, како што сметаат експертите за маркетинг, всушност е и во љубопитноста на луѓето.

Вистината за Меркел се „сервира на лажиче” – се зборувало во „жешката фаза” на една од нејзините изборни кампањи од кои секогаш излегуваше како победник.

Меркел важи за лице која добро го чува својот приватен живот, но понекогаш, внимателно и стратешки „малку ја отвора вратата” и тогаш Германците и светот дознаваат за нејзиниот стил на однесување, готвење, мажот, но и за мажите.

„Убави очи”, кусо само со два збора во минатата кампања Меркел одговорила на една трибина на списанието „Бунте” на прашањето што ги прави мажите атрактивни и „признала” дека некои работи мажите едноставно ги прават подобро, на пример подобро цепат дрва.

Германците не ја гледаат Меркел само како политичар и физичар, туку исто така и како сопруга, помалку баба и домаќинка, која од продавница знае сама да носи кеси, чиј маж, на пример, ретко се жали на нејзините кулинарски вештини, на чорбата од компири или ќуфтиња.

„Мажот ми ретко се жали.. само за колачите бидејќи за него секогаш има малку прелив… Тој едноставно е син на слаткар… ” – рекла Меркел на еден од своите гласачи за својот маж Зауер, роден во 1949 година во местото кое Лужичките Срби го нарекуваат Хозња, чии синови од првиот брак веќе имаат свои деца, со кои Меркел знае да ги поминува одморите, по кои речиси секогаш и се зголемува популарноста.

Ако се верува на анкетите и ако се суди според медиумските извештаи и коментари, Меркел ќе биде победник и на овие избори на кои над 60 милиони Германци со право на глас ќе гласаат за тоа кој во следниот мандат ќе владее со најмоќната земја на Европската унија, а освен нејзината политика, на Германците изгледа им се допаѓа и нејзиниот приватен живот.

Пред се тоа што и нејзините биографи го истакнуваат, дека е интелигентна, вредна и неподмитлива.

Танјуг – Белград

Слични содржини