Анѓушев: Само 18% од територијата има канализација, а Скопје има споменици од милиони евра

од desk2

Македонија е исклучително нерамномерно регионално развиена. Само 18 отсто од населението е покриено со канализациска мрежа, а во Скопје има споменици од милиони евра. Ваквата ситуација мора да ја промениме и можностите со кои располагаме да ги распределиме подеднакво насекаде, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината за рамномерен регионален и локален развој.

Анѓушев напомена дека прво мора да се мапира трошењето на буџетските средства по региони во сите сфери за што веќе се изготвува проект со странска поддршка.

– Ние сме мала, но не и богата држава. Затоа треба да размислуваме како семејство, домаќински, и прво да се погрижиме за егзистенцијалните проблеми, патиштата, канализациите, училиштата, болниците,…, а потоа да се луксузираме, истакна Анѓушев.

Одговорајќи на новинарски прашања, вицепремиерот информира дека Владата интензивно работи на обештетување на стопанствениците кои загубија многу од ланските поплави во општина Гази Баба, но е посветена и на решавање на проблемите особено со инфраструктурата во зоната Визбегово. Во Визбегово, како што рече Анѓушев, проектот за патот Скопје – Блаце има сериозни пропусти.

– Согласно проектот, како што е сега направен, патот минува низ повеќе изградени објекти. Не се водело грижа и тоа мора да се смени. Не можеме на луѓето да им ги срушиме објектите за да се направи автопат. Треба да се најде друго решение, веројатно тоа ќе биде булевар до клучката со Обиколницата, потенцира Анѓушев./МИА

Слични содржини