Анкета: Песимизам за економијата, народот ги чека изборите и судењата

од desk2

Најголем дел од граѓаните во Македонија (41,8 отсто) сметаат дека економската состојба во Македонија во 2017 година оди кон полошо. Речиси третина, односно 28,6 проценти, сметаат дека не постои поместување во состојбата. Позитивни очекувања, пак, имаат нешто повеќе од една петтина од граѓаните (24,8 отсто), покажува анкетата што во февруари ја спровела агенцијата „М-Проспект“, со 1.000 луѓе избрани како национален репрезентативен примерок.

Излезот од политичката криза е главен настан за помалку од една третина (31,8 отсто) од граѓаните кога размислуваат за настаните кои следуваат во 2017 година. Локалните избори се главниот настан на политички план годинава, одговориле 19,8 проценти од испитаниците. За 15,8 отсто од нив, првите судења за обвиненија од СЈО ќе ја одбележат годинава. Сличен е процентот (13,6 отсто) на граѓаните кои предвремените парламентарни избори ги гледаат како настан на годината.

Етничките Албанци за 10 процентни поени повеќе од етничките Македонци сметаат дека предвремени парламентарни избори ќе ја одбележат 2017 година.

Повеќе од една третина од граѓаните (37,3 отсто) мислат дека новиот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе влијае позитивно врз Македонија, додека секој петти граѓанин (20,4 отсто) смета дека неговото влијание врз Македонија ќе биде негативно. Но, 30,7 проценти од испитаниците рекле дека тој нема да има никакво влијание. Поделеноста меѓу Македонците и Албанците по ова прашање е интересна – 39,9 отсто од етничките Македонци сметаат дека Трамп ќе има позитивно влијание, наспроти 38,3 отсто од етничките Албанци, кои сметаат дека неговото влијание ќе биде негативно.

Мал дел од граѓаните (14,3 отсто) целосно веруваат дека пензиското осигурување ќе биде во можност да се грижи за идните пензионери како што се грижи досега. Слична е пропорцијата (15,5 отсто) на тие што воопшто не веруваат во иднината на пензискиот систем. Најголем процент од граѓаните имаат до некаде доверба (34,7 отсто) или до некаде немаат доверба (30 отсто).

Младите од 15 до 34 години покажуваат поголемо ниво на доверба во иднината на пензискиот систем од постарите граѓани. Вработените во јавниот сектор повеќе од вработените во приватниот сектор веруваат дека пензискиот систем во иднина ќе може да се грижи за пензионерите еднакво добро.

Кога размислуваат за зголемување на возрасниот праг за пензионирање заради намалување на порастот на персоналните даноци, мнозинството граѓани или 78,1 отсто не се согласуваат дека треба да има зголемување./Meта

Слични содржини