Апелацискиот суд донел одлука градоначалникот на Битола, Владимир Талески, осомничен во случајот „Транспортер“ кој го води Специјалното јавно обвинителство да остане во куќен притвор, информираат од Основниот суд Скопје 1.

Vladimir-Taleski

„Апелацискиот суд Скопје до Основен суд Скопје 1 – Скопје ја достави одлуката за осомничениот В.Т. кој е опфатен во предметот на СЈО во јавноста познат како „Транспортер“ со која се потврдува решението на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 – Скопје, а со тоа мерката куќен притвор останува за истиот“, пишува во соопштението на судот.

Одбраната на Талески, адвокатите Никола Додевски и Боро Тасевски, како и обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Трајче Пеливанов, во понеделникот на јавна седница пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги изложија аргументите „против“ и „за“ куќниот притвор што му е одреден на битолскиот градоначалник.

Адвокатот Додевски пред Кривичниот совет истакна дека барањето за притвор на СЈО не било засновано на докази од кои произлегува разумно сомневање за сторено кривично дело. Тој рече дека биле повредени одредбите од кривичната постапка од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и правата на одбраната и на осомничениот во постапката.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, истакна дека Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 правилно одлучил кога му определил куќен притвор на битолскиот градоначалник и тоа по сите основи.

Тој посочи дека жалбата на одбраната е неоснована и има потреба од притвор, бидејќи истражната постапка на СЈО сè уште е во тек и сè уште не се испрашани неколку лица, меѓу кои и градоначалникот Талески./извор Мета

Слични содржини