Апелацискиот суд реши „бомбите“ да бидат докази за „Титаник“

од desk2

Апелацискиот суд Скопје одлучи прислушуваните разговори, односно „бомбите“, да се користат како докази во судската постапка во предметот на СЈО за изборни нерегуларности „Титаник“.


Вчера во Апелација беше одржана јавна седница на која се појавија поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кои рекоа дека се жртви на прислушување и побараа овие разговори да не бидат користени како докази.

Специјалното јавно обвинителство кое го покрена овој предмет остана на ставот дека прислушуваните разговори не се незаконски прибавени и може да бидат доказ во судската постапка.

СЈО поднесе жалба до Апелација откако Кривичниот суд на 20 октомври ги отфрли „бомбите“ како доказ за „Титаник“.

„Титаник“ е прв случај што го обелодени СЈО, а се однесува на десетина дела поврзани со изборни нерегуларности. Обвинети се поранешни функционери меѓу кои и Никола Груевски, Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Слични содржини