Апсурди и дилеми околу настаните од 27 април

од desk4

Ајде да појасниме некои работи кои овие денови го окупираат нашето внимание, а тоа се настаните од 27 април и нивната правна разрешница. Во јавноста оправдано се поставија прашања и дилеми од страна на правната фела, а во врска со случувањата деновиве околу приведувањето и имунитетот на пратениците, како и прогнози за целокупната правна разврска околу овие настани.

 

Имено, се отвори една дилема околу прашањето за одземање на имунитет на пратениците (од кога се веќе приведени, и за кои е побарано притвор од страна на Обвинителството поради основано сомнение за сторено тешко кривично дело ,,загрозување на уставниот поредок), а тоа е дали Собранието треба да одлучува за одземање на имунитет на пратеник во една ваква ситуација или доволно е само судот како надлежен орган да го извести Собранието за притворот на пратениците. Ако веќе Собранието треба да одлучува се поставува прашањето дали се измешаа работите и редоследот на оваа постапка, односно дали требаше прво обвинителството или судот како надлежни органи да го известат претседателот на Собранието дека за одредени пратеници е подигнато сериозно обвинение па тој да постапи по тоа барање веднаш и по симнување на имунитетот тие да бидат доведени на распит и да им бидат понатаму одредени соодветни мерки на обезбедување. Вака испадна навистина апсурдно, имате приведени луѓе за терористичко загрозување на уставниот поредок со барање за притвор, па по распитот ги пуштате дома да чекаат како ќе одлучи Собранието, ова никаде не постои и смешно е навистина.   Па на обвинетите за ова тешко кривично дело во овој случај им останува доста време и да избегаат, да влијаат на сведоци па дури и да го повторат делото. Ќе се согласат многумина дека прашањето околу имунитетот на пратениците не е прецизно регулирано и отвора повеќе дилеми. Сите се повикуваат на член 64 од Уставот на РМ каде што е пропишано дека пратеник не може да биде притворен, освен во случај ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.  Предвидената (запретена) минимална казна за делото од 27 април е десет години, е сега дилемата која се отвори е дали пратениците се затечени во вршење на кривичното дело (снимки од безбедносните камери) или не се, односно дали под поимот затечен (кој е дефиниран) во вршење на кривично дело се подразбира и нешто сосема друго.

Ајде по ред да ги разјасниме работите?

Како прво, ние до сега како држава, односно Собранието на РМ не било во ваква ситуација, односно немало подигнато обвинение за пратеници со ваква тежина и правна квалификација на делото и затоа сум убеден дека ни се случуваат вакви апсурди и преседани. Имено, случаите на одземање на имунитет на пратеници од страна на Собранието, како што беше со Љубе Бошковски и Владо Бучковски беа сосема други случаи и не може по таа аналогија да се повикуваме и да објаснуваме.

Имено, Во 2008 година по настаните и проблемите кои настанаа во врска со одземање на имунитетот на тогашните пратеници Љубе Бошковски а подоцна и Владо Бучковски, по препорака на (ГРЕКО) и Советот на Европа Владата на РМ изготви план со насоки и имплементација на препораки (препораката бр.16) кои се однесуваа на Собранието во насока на воспоставување на критериуми што треба да се применат кога се одлучува по барање за одземање на имунитет на пратеник. Значи уште во тој период се детектираа овие слабости и недоречености во нашите акти околу критериумите и насоките кои треба да се применат кога се одлучува по барање за одземање на имунитет.  Односно, едноставно кажано се бараше од нас во новиот Деловник на Собранието да ги допрецизираме критериумите и насоките по кои ќе се одлучува за одземање на имунитет на пратеник затоа што самото уставно решение (член 64) како и член 53 од Деловникот на Собранието не беа   доволно јасни и прецизни и се бараше допрецизирање во Деловникот на Собранието. За нив беше спорен и терминот ,,надлежен орган“, и бараа од нас да се допрецизира и овој термин ,,надлежен орган кој е овластен да бара одобрување на притвор“. Исто така околу критериумите им беше битно да допрецизираме во деловникот и за кои кривични дела може пратеникот да се повика на имунитет. За волја на вистината не знам од кои причини овие препораки околу утврдување на критериуми не се допрецизираа со новиот деловник, останаа исти, можеби една од причините беше она рестриктивно толкување на уставната норма (член 64) и можноста одредбите од деловникот да се косат со уставот, но сепак единствената промена беше тоа што сега Собранието треба да гласа по одлуката на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, додека пред тоа самата Комисија беше надлежна за одземање на имунитетот и тука постапката завршуваше, односно не беше предвидено Собранието да заседава и да одлучува за одземање на имунитет. Само тоа се промени додека критериумите и насоките околу тоа во кои случаи Собранието, односно комисијата треба да одлучува останаа недопрецизирани и еве и денес предизвикуваат нејаснотии и отвораат многу правни дилеми.

Што имаме денес.

За настаните од 27 април, Обвинителството подигна обвинение против одредени лица за загрозување на уставниот поредок (член 313 КЗ), и согласно оваа  правна квалификација на делото каде што е предвидена минимална казна од десет години не може да се дозволи импровизации и апсурдни ситуации. Не може некој кој е обвинет за вакво дело макар бил и пратеник и за кој е побарано мерка притвор, после распит да го пуштате дома без ниту една мерка на претпазливост и после тоа да одлучувате, тоа е преседан. Исто така дускутабилно е прашањето дали Собранието требаше да одлучува за одземање на имунитет на пратеници кои се веќе приведени, (затечени или не во вршење на кривично дело) и за кои постои барање за притвор со подигнат сериозен обвинителен акт за кој е предвидена казна најмалку од десет години.Ова е она што се однесува до правните апсурди и дилеми околу овие настани.

Што се однесува до политичките апсурди тие се бесконечни. Убеден сум дека голем дел од граѓаните воопшто и не знаат што све се случувало тој ден во Собранието, за каков настан се работи и каква била таа организација. Имено, се случуваше нешто што во светот многу ретко се случува. Тоа беше насилен обид за спречување на едно легитимно мнозинство избрано од граѓаните да формира институции во Република Македонија, односно обид за нетипичен насилен државен удар кој беше организиран од целиот политички и воено- полициски врв на претходната влада каде што беа замешани многу луѓе (не сите по своја волја), но секако се колатерална штета во овие настани. Затоа се сложувам во целост со изјавата на еден политичар дека во тие моменти само господ ја чуваше Македонија да не дојде до конфликт од пошироки размери и да има повеќе настрадани.

Токму затоа сум убеден во исправната одлука на обвинителството за правната кфалификација на делото. Исто така би сакал да го истакнам и професионалното постапување на МВР во однос на овие настани и евидентна е разликата од порано.

А оние лажни патриоти кои плачат деновиве по скопските раскрсници како некој бил приведен, како ова било политичка одмазда,  па притоа молејќи ги вмровците да им дојдат на протест, а овие ги нема, како да не се свесни за глупоста што ја направија и ја доведоа во опасност цела држава, како да не се свесни дека за жал инволвираа и замешаа многу поединци  кои сега страдаат поради нив,  изгледа се уште не се свесни и треба сериозно да се замислат.

На крајот слушам и Хорхе бил многу активен деновиве да ги спасува колку може патриотиве, демек организира средби за смирување на тензиите и стабилизирање на политичката ситуација. Политичката ситуација во Македонија никогаш не била постабилна од сега и тие средби кај Хорхе треба колку е можно да се избегнуваат за да не предизвикуваат наплив на разни конспиративни теории. Ситуацијата е нормална, конечно правната држава профункционира и така треба да биде, ами како.

 

 

м-р Глигор Стоименов

Слични содржини