Припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) кои беа распоредени на јужната граница, два дена откако Владата прогласи вонредна состојба поради големиот наплив на мигранти, и натаму остануваат на границата како асистенција на полицијата, велат за „Мета“ од Генералштабот на АРМ.

граница

Од ГШ додаваат дека нивниот ангажман ќе трае „се додека има потреба“.

– Сили на АРМ сè уште се распоредени во делот на јужната граница. Асистенцијата на Армијата ќе трае се додека надлежните органи не одлучат дека веќе нема потреба од ангажман на наши припадници на граница. Таквата одлука зависи од проценките кои секојдневно се прават на теренот, но и од оние кои се носат на политичко ниво. Кога ќе се каже дека нема потреба од присуството на АРМ на границата ние ќе се повлечеме – вели за „Мета“ портпаролот на генералштабот на АРМ, полковник Мирче Ѓорговски.

Припадниците на АРМ беа распоредени во петокот, минатата недела, два дена по донесувањето на одлуката на Владата за воведување на кризна состојба на јужната и северната граница.

– Во петокот во текот на денот по донесена одлука од претседателот и издадена наредба од началникот на ГШ беа распоредени сили и средства согласно барањата од Министерството за внатрешни работи – додава Ѓорговски.

Според законските одредби дел од Армијата учествува во поддршката на полицијата во услови кога „со кризната состојба е загрозена безбедноста на државата, а органите на држвната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување“.

Според последните информации, по напнатата ситуација во петокот и саботата, минатата недела, изминатите два дена транспортот на мигрантите од јужната кон северната граница со Србија се одвива без поголеми проблеми.

Како што пренесува „Телма“, утрово со вонреден воз од платформата кај прифатниот камп кон Табановце се упатиле 700, а со редовниот воз заминале уште 500 мигранти. Од другата страна на границата, грчките полицајци, според информациите на телевизијата, периодично пропуштаат во Македонија да влегуваат помали групи од по стотина мигранти.

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), во вторникот соопшти дека проценките се дека во наредните месеци во Македонија секојдневно ќе влегуваат до 3.000 луѓе.

– Не гледаме било каков крај на приливот на луѓе во наредните месеци – рече портпаролката на Високиот комесар на ОН за бегалци, Мелиса Флеминг, укажувајќи на продолжувањето на насилствата во Сирија и Ирак влошување на условите за сириските бегалци во Турција, Јордан и Либан.

Запрашан за коментар околу проценките на УНХЦР, помошникот министер за односи со јавност на МВР, Иво Котевски, за „Мета“ вели дека постапуваат во согласност со капацитетите на земјата и анализите на терен.

– Ние се обидуваме согласно капацитетите со кои располагаме и зголемената контрола на границата да прифаќаме лимитиран број на мигранти – вели Котевски.

Во изминатите 24 часа потврди за искажана намера за барање на азил МВР издало на вкупно 1.228 мигранти, од кои најголем дел се државјани на Сирија.

Уште колку мигранти се во Гевгелија и чекаат да добијат документ за легален престој и транзит низ земјава, Котевски не можеше да соопшти.

– Станува збор за проценки и анализи кои се правата на дневна основа, а за кои во предвид се земаат повеќе фактори – вели помошникот-министер.

МЕТА

Слични содржини