Арсим Зеколи: Парадржавата е составена од власта и опозицијата заедно

од Vladimir Zorba

Време е на некои од ефективно водечките лица на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА да им се одземе имунитетот, да се обвинат за криминал, да завршат зад решетки и да им се конфискува имот, вели за Дојче веле поранешниот амбасадор Арсим Зеколи.

arsim zekoli

Почнаа ли да се чистат Авгиевите штали во Македонија или дополнително да се затрупуваат со смет? Повод за разговорот на оваа тема со Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, е интервјуто на поранешниот шеф на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, Слободан Богоески.Неговите тврдења предизвикаа жестоки дебати во македонската јавност – дел заради неточни информации, дел заради поразителни сведоштва за ликот и делото на водечки личности од политиката, а дел поради нивното задоцнето соопштување.

ДВ: Што во суштина откри интервјуто на Богоески?

Арсим Зеколи: Со сите резерви кон ликот и историјатот на Богоевски, неговиот исказ не би бил особено впечатлив доколку не се вклопеше толку совршено со многуте сомнежи за кои бевме свесни, но немавме потврди од инсајдер на длабоката држава како што тој несомнено бил, и се уште е. За разлика од ‘бомбите’ на Заев кои со својата актерска селективност и временска ограниченост разоткриваа мали делчиња на корумпираноста на сегашниот режим, интервјуто на Богоевски ја откри и исцрта длабочината и широчината на севкупниот систем во распаѓање. Aко ‘бомбите’ беа расштркани епизоди, инциденти без меѓусебна поврзаност, наводите на поранешниот разузнавач дадоа увид и логична поврзаност на севкупниот дваесетгодишен сериjал, начинот на кој е создаден овој матрикс во кој живееме, генезата на неговиот развој, па се до денешната метастаза. Сите овие скандали на извесен начин го одбележуваат нашето принудно враќање кон првичниот грев, назад кон времето во кое се удрени темелите на државата како величествен акт, но во чија сенка е создадена алтернативната парадржава на криминал, корупција и безмилосна експлоатација на сопствените граѓани. Сето она на што бевме изложени две и пол децении се потврдува како манипулација – транзициски приватизации, демократски реформи, спорови со соседите, меѓуетнички и меѓупартиски односи, лустрации на ситни риби за прикивање на вистинските УДБА-ши кои биле и се производ на таа измама.

Државата и нејзините претставници, сегашни или бивши, би требало да зборуваат со јазикот на законите и процедурите, а своите функции да ги остваруваат низ институциите. Кај нас тоа завршува исклучиво естрадно и таблоидно. Ваквиот начин на соопштување на вистината е доказ дека тие први ги прескокнале институциите каде требало да се процесуираат одредени дела. Тогаш, со кој образ денес ламентираат по уништените институции?

Со истиот образ со кој самите ние им одмолчуваме поради сопствени ситни интереси. Два примера како илустрација – ние сме тие кои дозволувавме ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ преку лажна лустрација на ситни актери да ја прикриваат својата удбашка природа. Од друга страна, ние сме истите тие кои ја браниме СЈО додека самиот Зоран Заев и СДСМ послушно ја прифаќаат одлуката на Груевски за лимититирање на нејзиниот мандат и нејзина де факто елиминација. И двете страни промптно ќе дадат образложенија за причините на таквото фарисејско поведение и со тоа ја креираат и одржуваат културата на парадржавност, лага, манипулација и криминал. Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е до коски разоткриено како криминално претпријатие на кое постепено му доаѓа крај, кој мора, инсистирам дека мора да биде заокружено со конкретни санкции за водечките лица. Но, доколку уште сега ги одмолчуваме непринципиелните коалиции на опозицијата со власта, доколку не бараме одговорност од нивните водства за сомнителните заткулисни зделки и доколку не бараме од меѓународната заедница да ја смени својата политика на убави зборови за граѓаните и зли соработки со овдешните криминалци – бидете убедени дека духот на манипулацијата преку нашите пропартиски емоции ќе биде префрлен од сегашната во идната власт. И се ќе остане по старо.

Многу лица, со желба да дадат придонес кон „вистината“, се подложија на автодисквалификација: едни го потврдија сопственото соучесништво во критикуваните дела преку дводецениски молк, други преку емпатично кинење прекршочни пријави за фамилијата, трети преку доцна раскажани ексклузивни сведоштва. Што добива општеството од ваквите „после битка генерали“?

Не добива премногу или воопшто, доколку таквите задоцнети искази и изнудени покајанија не завршат со конкретни законски и политички санкции по нив. Всушност, самите искази се дел од матриксот и исчашената логика. Ако загледате подобро, ќе разберете дека таквите покајанија се проследени со речиси плачливи обиди за самоамнестија преку форсирање на некакви високопатриотски, демек визионерски, мудри и добродушни мотиви за свесно газење врз законите. Тоа е таа типично балканска емотивна манипулација на разумот со која актот на криминалот се оправдува со околностите кои донеле до него. Таквите искази пост-фестум не ги сметам како отклон и удар кон воспоставениот систем, туку како составен дел од политичкиот инструментариум на измама. Јавноста треба од старт да ги одбие таквите посипувања со пепел, да ги игнорира мотивите и да инсистира на последиците од нивните одлуки. Тоа е единствениот начин на кој општеството може да профитира од овие скандали и извлече поуки и најде начини да се надминат грешките од минатото. Доколку не, ќе останеме заглавени во истиот круг и жртви на сопствените гревови.

ДВ: Наместо институционално да ги чистиме преполнетите Авгиеви штали, сведоци сме како тие естрадно се полнат со нов смет. Како ќе се вратат вистинските мерила и постапки во време на ваква сеопшта диструбуција на магла?

Правилата на мафијата се базираат врз принципот на Омерта, на култ на молкот. Здравјето и имунитетот на една демократија се базира врз правилото на беспоштедно поставување прашања и барање одговори. Размислете кое од овие две правила владееле и владеат се уште на овие простори. И уште поважно, како правилото на Омерта така лесно се пренесува од една владејачка партија врз друга и солидарно се чува додека одмара во опозиција. Затоа, начинот на расчистување на сметот не е преку опозициски водена антивладина критика, туку преку општествен судир со парадржавата составена од власта и опозицијата заедно. Гласноста и одбивањето на учество во однапред определените улоги на лоша власт и добра опозиција е првиот чекор кон рушење на тоа двотактно махинејство на загарантирана неказнивост за сопствените недела. Да бидам попрецизен, тоа подразбира дека е време на некои од ефективно водечките лица на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА да им се одземе имунитетот, да бидат обвинети за криминал, да завршат зад решетки и да им се конфискува сопственоста. Глетката на лидери со лисици на раце спроведувани во затвор е катарзата на освестување со кое ќе се обезбеди барем за неколку децении секој аспирант за политика добро да ќе размисли колку е безопасно да бидеш опфатен во криминал и корупција. Доколку не, не гледам причина зошто би се откажале од таа привилегија која ние им ја овозможуваме со нашите наивности? Тоа се однесува на внатрешните односи.

Но, и пораките што доаѓаат од надвор, во многу нешта наликуваат на нашите внатрешни наивности. Мислам на бирократските фрази кои гребат по површината, но не задираат доволно ефикасно во суштината на проблемите…

Вториот суштински чекор мора да биде вперен кон меѓународната заедница која преку краткорочни решенија за суштински проблеми има дадено огромен придонес за оваа состојба. Поради кои не треба да не зачудува излагањето на Богоески, според кое, се потврдува дека Македонија била и се уште е рај за грчките разузнавачки служби – и во времето на СДСМ и сега под ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и големата патриотска патрдија ‘името не го даваме’. Ќе го повторам она на што предупредував со години, дека приодот на САД во безбедноста и оној на ЕУ во економијата, наместо да пристапат кон реформа, на парадоксален начин ја имаат цементирано и хрането практиката на едноумие во Македонија и царувањето на криминалот во политиката и државните институции. Нивната овдешна и регионална архитектура на безбедност и економска соработка базирана врз детант помеѓу националните криминали и мафии е во процес на незапирливо рушење и доколку не биде навремено елиминирана неминовно ќе води кон крвопролевање.

Дали ваквата атмосфера ќе кулминира до изборите?

Мислам дека сме станале психотични зависници од идејата дека изборите сами по себе се можност за разрешница, а притоа не обрнуваме внимание на амбиентот во кој треба да се одржат. Амбиентот е составен на начин на кој немате друг избор, освен оној кој ви е наметнат од системот кој ве контролира преку инструменти на казна и награда и дразнење на вашите искрени, но сепак наивни емоции. Во таа урамниловка не може да има кулминација, ако под неа подразбираме катарза на вистинска промена. Тоа е и причината зошто пред повеќе од една година предупредував дека за да тргнеме напред, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не смеат да останат на власт, но СДСМ не смее да ја презеде.

Доколку остане исто, изборите повторно ќе не соочат со она што во теоријата се нарекува ‘парадокс на демократијата’ – демократско избирање на фактори и сили кои во својата суштина се антидемократски. Порозноста на системот кое Богоевски го илустрира, корумпираноста на безбедносниот апарат, сиромаштијата, лицемерноста на западните партнери кон криминалот се чинители кои предупредуваат дека ќе бидеме соочени со обиди преку изборни листи во системот да пенетрираат сили кои ќе се обидат да го искористат нашиот целосно ослабнет имунитет. И пак и повторно, клучни агенти низ кои веќе се спроведува таквата операција се изборите контролирани од големата системска четворка.

Слични содржини