Атина и Скопје комуницираат на француски: На македонски – односите меѓу СЈО и Кривичен можна пречка за екстрадиција!?

од desk4

За потребите на барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски доставете ги заверени, оригиналните предмети поврзани со нив, ова е содржината на дописот кој денеска бил заверен во архивата на СЈО, информира Телма.

Дописот и барањето за оригиналните предмети го испратил кривичниот суд Скопје 1, кој ги подготвува документите и досието кое треба да биде испратено во Грција од која се бара испорачување на бегалците, кои цела деценија ја водеа 5-тата Управа.

Во СЈО веќе се подготвува документацијата, и се преведуваат обвинителните акти. Јазикот за кореспонденција во правните постапки меѓу Македонија и Грција е францускиот.

На француски јазик – за Солун ќе патува и веќе одобреното обвинение за случајот Тврдина-Таргет за кој се обвинети Грујевски и Бошкоски. Денеска е потврдено, а истиот ден е објавено и барањето за оригиналните документи од СЈО.

Специјалното обвинителство сега треба оригиналите да ги прати во кривичниот суд, каде се уште има судии за кои како дел од т.н. Сваровски судство спомнато во бомбите беше барано изземање.

СЈО документите ги праќа во судот каде пред дваесетина дена имаше претрес кај поранешниот претседател на кривичниот поради сомнение за издавање службени тајни поврзани со истрага на тимот на Катица Јанева.

Истиот тој суд ќе треба да одлучи кои документи, докази и информации од предметот на СЈО ќе ги посочи и стави во барањето за екстрадиција, и од тој избор ќе зависи конечната одлука на грчките власти за испорачувањето на началниците.

И што е најважно, судот кој треба да го пополни барањето е без прв човек откако Стојанче Рибарев, првин зеде боледување, па потоа си поднесе оставка на местото вршител на должност претседател на кривичен.

Хронолошки гледано, Грујевски и Бошкоски беа уапсени на 18-ти октомври, македонските власти ја добија информација ден подоцна, а минатиот петок на 20-ти октомври судот ја доби задачата од Министерството за правда да го подготви барањето за екстрадиција.

Истиот ден кога кривичниот суд ја добива задачата поврзана со екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски, претседателот на судот Рибарев се разболува, ја назначува судијката Диана Груевска Илиевска за заменик да ги извршува неговите должности. 5 дена подоцна (една недела по апсењето на Грујевски и Бошкоски во Солун) Рибарев си поднесува оставка од како што наведува лични причини.

Во таква состојба со уште неизбран нов трет во низа вршител на должност претседател на суд, ќе треба да се подготват и документите и да се определи датум за почеток на судењето за Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Стартот на процесот, двајцата разузнавачи со десетгодишен стаж во УБК и во 5-тата управа задолжена за прислушување – ќе го чекаат првин во Солун, а потоа доколку се случи испораката, во притворска ќелија во Шутка. Келиите веќе еднаш беа подготвени за нив, посебни, но останаа празни – вечерта кога им беше конечно потврден притворот, двајцата веќе беа заминати пред полицијата да ги побара на домашна адреса.

Слични содржини