Австриската полиција се сомнева дека бугарско-унгарска криминална мрежа за пренесување бегалци стои зад смртта на 71 имигрант, откриени во камион на австриската магистрала, изјави Ханс Петер Доскоцил, началник на полицијата во провинцијата Бургенланд.

117491

Доксоцил истакна дека полицијата уапсила бугарски државјанин со либиско потекло, кој бил сопственик на камионот, уште еден Бугарин и маж со унгарски документи, кои најверојатно биле возачи на камионот.

Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микел Лајтнер и претставници на полицијата денеска одржаа прес-конференција во Ајзенштат, главен град на Бургенланд, каде вчера беше откриен камионот со телата на 71 мигрант, од кои 59 мажи, осум жени и четири деца, вклучувајќи и двегодишно девојче.

На прес-конференцијата беше посочено дека жртвите најверојатно починале од задушување пред да влезат на територијата на Австрија, а конечен заклучок за ова се чека од експертите по судска медицина.

Потврдено беше дека камионот ладилник бил оставен на лентата за хаварии на магистралниот пат А4, најмалку 24 часа, пред да биде откриен.

Се препотставува дека поголемиот дел од починатите имигранти се Сиријци./МИА

Слични содржини