„Балканот за Ердоган е преговарачка маса“

од Vladimir Zorba

Турција на Балканот нема моќ колкава што Ердоган би сакал да има, вели Ердоан Шиполи, стручњак од универзитетот Џорџтаун во САД. Во случај да мора да избираат, политичките елити на Балканот и натаму ќе ја изберат ЕУ, пишува DW.

Recep Tayyip Erdogan Besuch im Kosovo (Reuters)

ДВ: Какви се целите на Турција на Балкан?

Ердоан Шиполи: Историски турските институции, како војската или државната администрација, секогаш биле поврзани со Балканот бидејќи го гледаат како пат кон Европа. Но во последните години, за време на ерата на Ердоган, Анкара почна да го гледа Балканот како простор кој може да се искористи како преговарачка маса. Власта на Ердоган сака да го зголеми влијанието во балканските општества со инвестиции и поддршка на одредени организации од цивилното општество за да може утре да ѝ каже на Европа: „Ние имаме влијание на Балканот, пред вашите врати, и со тоа можеме да ве уценуваме“.

Значи Ердоган мисли дека со картата Балкан може да влијае врз европската политика?

Да, барем тој така мисли. Но јас не мислам дека тој е способен за тоа. Кога е во прашање политичкото влијание на Косово, во Албанија и во Босна, Турција дефинитивно е важен регионален играч, но само до степен до кој нејзината политика не се коси со политиката на ЕУ. Бидејќи главна цел на балканските земји е влез во ЕУ. Сега, кога Турција се оддалечува од тоа, опаѓа нејзиното влијание на Балканот.

Колкаво е всушност политичкото влијание на Анкара во регионот?

Кога се работи за поранешна Југославија, насилно влијание има во Босна, па следат Македонија и Косово, па потоа Албанија. Секако, подобри се трговските односи со Бугарија, како и комуникацијата со тамошната турска заедница отколку со турската заедница, на пример, на Косово. Во реалноста политичкото влијание на Турција на Балканот не толкаво колку што го претставува Турција. Единствен начин тоа влијание навистина да порасне е ЕУ да го прекрши ветувањето оти ќе соработува со балканските земји. Во спротивно, ако мораат да избираат балканските земји секогаш ќе застанат на страната на Европа и нема да жалат за Турција.

Erdoan Shipoli (erdoan.com)Ердоан Шиполи

Сепак, многу луѓе во Босна, но и другите муслимански заедници го гледаат Ердоган како еден вид голем брат. Неодамна Ердоган го искористи масакарот во Сребреница како илустрација дека Европа наводно ги мрази муслиманите додека тој се претставува како нивен заштитник. Колку е тоа вистина, а колку политика?

Тој тоа го прави за домашна употреба. Секако, босанските муслимани негуваат симпатии кон Турција, бидејќи Турција и некои други муслимански земји им помогнаа за време на војната пред тоа да го направат ЕУ и САД. На Косово тоа не беше случај, па косовските Албанци не ја гледаат Турција како голем брат. Па сепак, иако Ердоган и неговата земја немаат моќ навистина да влијаат на Балканот, тој е мајстор да го сврти наративот во своја полза. Го користи масакарот во Сребреница да докаже дека на Турција ѝ се важни муслиманите и тоа ќе му донесе многу гласови, бидејќи треба да се земе предвид дека има многу Турци со босански, бугарски и албански корени кои традиционално не го поддржуваат Ердоган. На овој начин тој се обидува да ги придобие нивните гласови на референдумот така што покажува дека се бори за Балканот – во овој случај против Холандија поради Сребреница.

Што прави Турција за да го засили своето влијание? По пропаднатиот државен удар, многу турски институции на Балканот паднаа под сомнение.

Од државниот удар владата на Ердоган се обидува да го зголеми пристисокот врз властите во балканските земји, посебно кога станува збор за движењето на Ѓулен. Но во тоа нема премногу успех. Гледаме дека во Македонија и во Бугарија се обидува да направи сопствени политички партии, а оти во другите земји се обидува да ги искористи оние етаблираните кои ги контролираат негови блиски соработници. Се обидува да активира свои луѓе, лојални, оние кои студирале во Турција и за кои се знае дека припаѓаат кон кругот на Ердоган. Она што мене ме загрижува е тоа што се засилува влијанието во некои организации од цивилното општество. На пример, Турската развојна агенција инвестира, организира патувања во Турција и слично. Тука мораме да направиме разлика меѓу Турција и конкретната влада на Ердоган. Бидејќи главната цел на таа влада не е засилување на влијанието на Турција, туку зајакнување на личното влијание на Ердоган и популарноста. Знаеме дека организираат собири и наоѓаат неколку луѓе во Призрен, Скопје или Нови Пазар, им даваат плакати со ликот на Ердоган за да симулираат оти тој секаде има поддршка.

Колку далеку е подготвена Анкара да оди? Треба ли да се очекува дестабилизација на Балканот и поддршка на новиот бран национализам, па дури и милитаризација?

Не верувам. На Турција не ѝ во интерес безбедносната ситуација на Балкан да биде нестабилна, бидејќи тогаш таа ќе биде комплетно опкружена со нестабилни региони. Но дел од одговорноста сносат и државите од ЕУ кои треба да го охрабрат Балканот и да не дозволат да падне во рацете на Ердоган.

Д-р Ердоан Шиполи е гостувачки истражувач во Центарот за муслиманско-христијанско разбирање на Универзитетот Џорџтаун во САД. Овој стручњак е роден на Косово и посебно се занимава со истражувања на конфликти, ислам и Балкан.

Слични содржини