Барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски се уште во Кривичниот суд

од desk2

Кривичниот совет од Одделението за организиран криминал при скопскиот Кривичен суд се уште постапува по барањето за екстрадиција на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, велат за МИА од Министерството за правда.

Велат дека роковите до кои треба да се соберат потребните документи и да се пратат во грчкото Министерство за правда веќе течат. Според Законот за меѓународна соработка во кривична материја, барањето за екстрадиција и потребните списи се доставуваат во рок кој не може да биде подолг од 40 дена од денот на донесувањето на решението за притвор заради екстрадиција.

Во меѓувреме Грујевски и Бошкоски остануваат во екстрадициски притвор.

Тие два пати беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи, но судењето беше одложено за 1 декември поради немање преведувач од грчки на македонски јазик. Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Двајцата беа уаспени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

Слични содржини