Македонски транспортери кои превезуваат сезонско овошје и зеленчук до Европа, се заглавени на граничните премини од Србија кон Хрватска откако Загреб ја затвори границата поради бегалската криза.

kamioni

Станува збор за околу 1.000 камиони кои чекаат за влез и за излез на премините Батровце и Бајаково, кои се целосно блокирани и патничките возила се пренасочуваат кон други премини. Околу триесетина камионџии, револтирани поради предолго чекање на граница, ги блокирале влезовите.

Транспортерите трошат гориво за одржување на овошјето и на зеленчукот, а штетите може да бидат повеќекратни поради лесната расипливост на стоката, неможноста за испорака навреме и плаќање на трошоците доколку камионите се вратат назад.

– Алармантна е ситуацијата бидејќи нашите превозници се заглавени во Србија. Сите транзитни патишта кон Европа се затворени. Иако пропуштаат по три-четири камиони, сепак тоа не е ништо во споредба со 12-километарски долги колони. Доколку камионите се вратат, ќе имаат дополнителни трошоци. Се троши и гориво за одржување на смрзнатото и на свежото овошје и зеленчук – вели Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа посочува дека возачите не само што не можат да продолжат понатаму, туку не можат ни да се вратат, а веќе им снемува вода и храна.

Според Муратовска, превозниците и извозниците треба да бидат обесштетни бидејќи и едните и другите трпат штета.

– Се откажуваат веќе договорени нарачки, а први на удар сме ние транспортерите. Потоа најзасегнати се извозниците, кои, исто така, трпат штета. Доколку се докаже штетата, треба да бидеме обесштетни – објаснува Муратовска.

Најголем дел од македонските транспортери – 95 проценти – возат низ Европа.

Ситуацијата со граничните премини, како што велат од Здруженето, постојано се менува, но она што се знае е дека во моментов постои целосна блокада на Батровце и на Бајаково.

 

МЕТА

Слични содржини