Бејта: Надвор од државата сум, не коментирам за „Монструм“

од desk2

Невзат Бејта, високиот функционер на ДУИ, чие име се посочува во случајот „Монструм“, одбива да ги коментира наводите на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро за вмешаност во убиствата.

„Надвор од државава сум, пријатно“, ни рече откако слушна за што го бараме, пишува Независен.

Денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд беше одложено поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири. Зорица и Горан Наќевски, мајка и татко на убиениот Александар, во името на сите родители изјавија дека премиерот Зоран Заев им покажал транскрипти од разговори меѓу Бејта и Азири, но сега не сака да им ги даде поради коалициските односи во Владата.

Така, рочиштето за случајот „Монструм“ е одложено за 15 мај, поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири кој бил хоспитализиран на пулмологија. Денешното рочиште, кое беше прво откако СЈО го презеде предметот, беше прекинато на самиот почеток, на што реагираше обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа истакна дека несериозно е, отсуството на обвинетиот да се правда само со еден документ дека е во болница, на што, судијата Огнен Ставрев одговори дека ќе побара целосна болничка документација за Азири.

На денешното рочиште присуствуваа и родителите на петмината убиени кај Смилковско езеро. Tаткото на едно од убиените момчиња, Горан Наќевски побарал од судијата стражарно да го приведе премиерот Зоран Заев, пишува sdk.mk. Тој рекол дека како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство.

Наќевски, под морална и кривична одговорност, изразил желба, неповикан, на денешното судење за предметот „Монструм“ да даде изјава, и судијата Ставрев му дозволил.

„Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде шест разговори државна тајна за шест функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа пет. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни“, рече Наќевски.

Тој во името на сите родители побарал да се изврши претрес во седиштето на СДСМ.

„Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме“, додаде Наќевски.

Судот не се изјаснил за барањата на родителите на убиените деца.

Слични содржини