Каков ќе биде одговорот на Русија на зајакнатото воено присуство на НАТО во Источна Европа? Ако Москва префрли војници во Белорусија, тоа ќе доведе до конфронтација, од која и Минск ќе загуби, предупредуваат експертите.

0,,18291104_303,00

Претставници на руското Министерство за одбрана ja гледаат Белорусија во улогата на “воено премостување”. По повод трансферот на тешка воена техника на НАТО кон Источна Европа генерал Јури Jaкубов изјави дека “ќе има значителни промени и во групата руски војници во Белорусија”. Во некои информации на руските медиуми дури се споменуваат “руски ракетни единици”, кои се наоѓаат на белоруска земја.

“Во Белорусија нема ниту група војници на руската армија, ниту пак ракетни единици”, тврди рускиот воен експерт Александар Голтс. Затоа пак има бројни воени објекти кои се важни за Русија. Во Ганцевичи пример Русија одржува систем за рано предупредување за ракетни напади, тип “Волга”, во Вилејка – командна централа за руските подморници. На аеродромот во Баранавичи од 2013 година се наоѓаат четири борбени авиони на руските воздухопловни сили, а во Бабрујск се подготвува изградба на руска воздухопловна база.

Андреј Поротников, раководител на истражувачкиот проект Belarus Security Blog, исто така нагласува дека на белоруска земја нема руско офанзивно оружје. “Руските предмети во Вилејка и Ганцевичи се опслужуваат од околу 1.000 руски војници. Но тоа се техничари, луѓе за врски и чувари. Воениот аеродром Баранавичи се наоѓа под целосна белоруска команда”, појаснува воениот експерт.
“Синдром на царско размислување”
Поротников смета дека последните руски декларации за јакнење на руските војници во Белорусија се израз на “царски размислување”. Обично ваквите планови се родиле само во главите на луѓето, од кои не зависат никакви решенија. Сепак, тој предупредува: “Ако некои средини во Русија западнат во милитаристичко расположение, Белорусија само ќе загуби”. Во овој случај Минск би бил вовлечен во конфронтација со Западот, која ќе доведе дотаму дека Западот нема да ги укине санкциите против земјата, најверојатно нема да и бидат доделени и повеќе кредити од страна на ММФ “, претпоставува Поротников.
Воениот експерт на белоруското интернет-издание “belrynok.by” Александар Алесио е убеден дека Минск не би можел да даде отпор на Кремљ, ако Русија побара да распореди дополнителни сили на белоруска територија, во случај да дојде до ескалација на конфликтот. Во слична ситуација Русија несомнено ќе се повика на Сојузниот договор меѓу Русија и Белорусија, склучен во 1999 година. Тој предвидува создавање на заеднички одбранбено простор и заедничка армија.
Во мирно време воените единици се наоѓаат во постојани воени бази во Русија и Белорусија. Во воено време договорот предвидува командантите на соодветните вооружени сили – односно претседателите Путин и Лукашенко – да одобрат распоредување на руските војници на територијата на Белорусија.
Лукашенко вешто лавира меѓу Истокот и Западот

Александар Голтс смета дека Лукашенко едвај би дал согласност за трансферот на руски војници на белоруска земја, зашто секогаш досега тој премногу вешто успеал да лавира меѓу Западот и Русија. Рускиот воен експерт смета дека Лукашенко до совршенство ги владее дипломатските игри и доста вешто го искористи “рускиот комплекс за загубената империја”.
Со него се согласува Александар Алесио. Тој, сепак, нагласува дека секое влошување на ситуацијата на границата со Белорусија ќе го намали обемот на можностите на Лукашенко. Белорускиот експерт смета дека зајакнувањето на военото присуство на НАТО и на Русија во Источна Европа ќе влијае контрапродуктивно. Конфликтот меѓу Москва и Западот би можел да развие своја сопствена динамика и да доведе до неповратни последици, предупредува Алесио.

Слични содржини