Безброј прашања на седмиот ден по катастрофалната поплава: Како е можно?!

од Vladimir Zorba

popgal26

Како е можно државата да не изгради ефикасен систем за заштита од поплави на Скопје, и покрај експертската проценка за загрозеност од поплави (од 2007) во која се истакнува дека нема таков систем и дека системите за одводнување не се во функционална состојба „така што и при појава на врнежи од помал обем водата се излева и поплавува“?

zagroz

Извадок од „Процена на загрозеност на Република Македонија од природни и други несреќи“ (Сл. весник на Република Македонија бр. 117/10)

Како е можно да се дозволи неказнето систематско сечење на шумите на Скопска Црна Гора што создава ерозија и опасност од лизгање на земјиштето и создавање на уништувачки порои?

Како е можно луѓето што ги плаќаме како професионалци за предвидување на невремиња и поплави да не го предвидат невремето, а други метеоролози (аматери) да го предвидат и да предупредат за опасните поселедици неколку часа пред почетокот на невремето?

meteo

Како е можно да не биде упатено никакво известување и тревожење на граѓаните за да се подготват за силното невреме и можните последици од него?

Како е можно откако дел од Скопје беше погодено од катастрофална поплава да нема никакви предупредувања до граѓаните да не патуваат во деловите од градот погодени од поплавата?

popgal26

Како е можно луѓето што ги плаќаме како сообраќајна полиција да не ги сопираат возачите пред поплавената обиколница, туку тоа да го прават обични граѓани?

Како е можно да не се предвиди дека обиколницата може да создаде вештачко езеро при поголеми дождови кое ќе разурне цели населби со десетици илјади жители во нив?

Како е можно да се се изгради таква обиколница која ќе го загрозува не само животот на патниците, туку и животот на граѓаните кои живеат на неколку километри од обиколницата?

popgal7

Како е можно да не се изградат заштитни објекти за спречување на излевање на веќе постоечко езеро (Смиљковското езеро) како и за рано предупредување при висок водостој?

Како е можно вечерта при непогодата да нема доволно тимови за спасување и соодветна опрема и механизација за спасување на лицата кои очајнички барале помош, на лицата кои биле заробени во своите домови, како и на лицата кои биле принудени да се качуваат на покривите од своите куќи и таму да ја поминат ноќта?

Како е можно никој од платените надлежни функционери да не издаде наредба за дополнителна евакуација на населението во населените места најмногу погодени од катастрофалната поплава, со цел да се спроведе потрага по преживеаните и навремена асанација на теренот, за да се спречи епидемија од заразни болести?

popgal11

Како е можно на поплавените улици (ден по невремето) да има отворени и необележани шахти во кои можат да пропаднат граѓаните кои се движат по улиците и да не биде обезбеден премин преку водата за изнемоштените лица?

Како е можно сите жители од најпогодените подрачја во катастрофалната поплава да не бидат навреме посетени од државни службеници и да не им биде објаснето на јазик што го разбираат како треба да се справуваат со последиците од поплавата?

Како е можно во скопските општини да нема атмосферска и фекална канализација, или пак постоечката да е со толку мал капацитет што поплавува со фекалии при малку поголем дожд?

kanal

Како е можно сообраќајната полиција да го блокира сообраќајот до поплавените куќи и загрозените жители кои бараат помош, за да им овозможи на функционерите да се фотографираат и снимааат со жртвите од поплавата, за која не предупредиле, ниту ја спречиле, иако биле платени за тоа?

Како е можно луѓето што ги плаќаме да го обезбедат населението во поплавените подрачја со основни услови за живот да не го прават тоа за сите загрозени жители, туку да им ја препуштат работата на солидарни граѓани кои не се платени за тоа?

Како е можно поделбата на помош за настраданите од поплавата да се врши по партиски или етнички клуч и да се молчи за дискриминацијата врз жртвите од поплавата?

Како е можно владејачката партија да отвора партиска жиро-сметка за донации за настраданите во услови кога голем дел од жртвите од настраданите подрачја се жалат дека помошта не стигнува до нив?

Како е можно да се дозволи злоупотреба на организацијата црвен крст за партиска и лична промоција на политичари осомничени за криминал?

Како е можно голем дел од поплавените граѓани да бидат оставени сами на себе во процесот на чистење на домовите и санирање на последиците предизвикани од поплавата, без никаква помош од страна на државните институции и по неколку денови?

popgal19

Како е можно на поплавените граѓани да не им се доставуваат доволно средства за хигиена и дезинфекција, и да нема доволно пелени за бебиња?

Како е можно на неевакуираните поплавени граѓани и на децата да не им се доставува барем еден топол оброк дневно?

Како е можно на неевакуираните поплавени граѓани да не им се доставуват сите потребни лекови и навремена стручна медицинска помош, како и психосоцијална помош и поддршка?

Како е можно неевакуираните поплавени граѓани да се остават без гумени чизми и да молат за нив по социјалните мрежи?

Како е можно да не се испраќаат на терен проценители на штети, туку од настраданите граѓани да се бара сами да ги пријавуваат штетите, покрај толку партиски војници вработени во администрацијата кои земаат плата, а не одат на работа?

Како е можно тие што треба да управуваат со кризата да им се дозволува на политичари да вршат упад во системот заради пропагандни цели, да издаваат нестручни наредби на стручни и професионални лица кои се платени за управување со кризата и за справување со последиците од поплавата?

Како е можно собранието да не свика навреме итна седница на која ќе се утврдат итни мерки за справување со последиците од поплавата?popgal6

Како е можно настраданите од поплавите да не се информираат навреме за здравствените ризици и да не се применуваат мерки на здравствена заштита и спречување на заболувања и епидемии при санирањето на последиците од поплавата?

Како е можно идентификацијата на жртвите од поплавите да не ја вршат експерти од Институтот за судска медицина и да не се издаде наредба за обдукција на телата на починатите?

Како е можно обвинителството да се прогласува за ненадлежно во услови на елементарнa непогодa, кога е можно да има околоности кои укажувааат на постоење на кривичини дела кои настанале пред, за време и после поплавата, како и на кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот?

Како е можно одводните канали да не се чистат, а милиони евра за чистење на каналите да се даваат на фирми блиски на владејачките партиии, без притоа да се врши инспекција дали каналите се навистина исчистени?

popgal22

Како е можно градот Скопје (во кое владата вложуваше стотици милиони евра во споменици и барокни фасади, наместо во заштита од поплави) да продолжува со изградба на Панорамско тркало од речиси 19 милиони евра и да не сака да ги пренамени парите за помош на настраданите и за спречување на идни поплави?

panoram1

Како е можно државните институции да немаат капацитет да се справат со прогласената криза и притоа да ги газат законските одредби кои се обврзани да ги почитуваат во случај на криза?

Како е можно врховниот командант во услови на прогласена криза со десетици жртви да се фотографира насмеан со познат џезер?

Како е можно единствено нешто што продолжи да функционира да биде пропагандата на власта дека станувало збор за невреме кое се случувало „еднаш на илјада години“ кое, патем, не можело да се предвиди?

Како е можно една седмица по поплавата да не го знаеме точниот број на починати, исчезнати и повредени лица, како и вкупниот број на жители кои биле погодени од поплавата?

popgal28

Како е можно никој да не чувствува одговорност за десетиците изгубени животи, за стотиците повредени, како и за огромните штети од поплавата за која граѓаните ниту беа предупредени, ниту пак им беше пружена соодветна помош пред, за време, и по поплавата?

Навистина, како е можно?

Како дозволивме државата киднапирана од партиските кланови на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да стане поголема елементарна непогода од поплавата?

Никој нема да преземе одговорност за катастрофалните последици од поплавата, ако ние самите не побараме и не се избориме за одговорност. Не само политичка одговорност, туку и кривична.

Тоа е наша граѓанска должност, за да спречиме идни поплави и несакани жртви.

Жарко Трајаноски

Извор: Слободна.мк

Слични содржини