БИРН: Хрватска заработила милиони евра од продажба на оружје за Сирија

од desk2

Хрватска, во однос на времето на поранешна Југославија, во 2016 година драстично ја зголемила продажбата на муниција на Саудиска Арабија, тврди Балканската мрежа за истражувачко новинараство (БИРН), пренесува Танјуг.

Продажбите се извршувани независно од предупредувањата на организациите за заштита на човековите права за нелегално пренасочување на пратки кон завојувани земји, што претставува директно кршење на законите на Европската унија и на меѓународното право, истакнува БИРН.

Според податоците на Мрежата во првите девет месеци од минатата година Загреб продавал муниција, мини и минофрлачи во вредност од 83 милиони евра.

Од друга страна пак, видеата и фотографиите од Сирија претставуваат убедливи докази дека таму се испорачува оружје и муниција од хрватско производство, посочува БИРН.

Според авторите на текстот, Хрватска била една од првите држави што испорачувала оружје за сириските бунтовници во зимата 2012 година, со што се ослободила од вишокот муниција.

Стоката била платена од Саудиска Арабија и во координација со ЦИА доставена преку Јордан. Од моментот кога тие пратки биле откриени, Хрватска направила максимални напори за таа трговија да не биде дознаена во медиумите, па дури ја избришала и крајната дестинација од официјалните извештаи, стои во текстот.

Новинарите од БИРН сепак искористиле помалку познати податоци на ОН за трговија, според кои меѓу февруари и септември 2016 година Хрватска изнела над 2.600 тони вишок муниција, произведена пред децении, за војската на Саудиска Арабија, која користи најмодерно оружје и воени техники.

Слични содржини