Студентите од Техничкиот факултет во Битола по окупацијата се оставени без парно и тоа во најстудените делови од деновите, вели за Плусинфо претставник од Студентскиот пленум на Битолскиот универзитет.

Тие се жалат дека парното им е вкклучено до 15 часот, кога го исклучуваат со изговор дека парното го плаќа факултетот, а не државата.

– Двајца студенти се настинати, другите некако се држиме. Парното е вклучено до 15 часот, а потоа го исклучуваат. Кога го прашавме деканот зошто е исклучено парното, тој ни рече дека факултетот си го плаќа греењето, а не државата, сметката за парно била од 300 до 500 евра месечно и дека не биле моќни да плаќаат повеќе – велат од битолскиот Студентски пленум.

Тие додаваат дека културно-едукативните настани се одржуваат од 15 часот до 23 часот кога на факултетот нема парно и дека тоа е голем проблем бидејќи луѓето не можат да седат со кебиња додека траат настаните.

– Голем проблем се создава од 15 до 23 часот кога се одржуваат културно-едукативните настани и кога никој не може да седи со кебе. Се собираат повеќе луѓе и цело време се зборува за тоа колку е ладно, а не колку се добри или лоши настаните кои ги организираме ние – истакнуваат пленумците.

Студентите добиле грејни тела од солидарните граѓани, но кога ги приклучиле во просториите во кои спиеле првата ноќ, паднал електричниот систем.

– Солидарните граѓани донесоа грејни тела со цел да се стоплиме, но првата ноќ кога ги приклучивме падна електричниот систем. Деканот ни сугерираше да приклучуваме една греалка во една просторија што и не прави некоја разлика со оглед на големината на просториите во кои спиеме – се жалат студентите.

Битолските пленумци велат дека барањата им се исти со останатите пленумци и дека контактираат со останатите, а додаваат дека сакаат да бидат вклучени во работната група која би го правела новиот закон за високо образование./+Инфо

Слични содржини