Бизнис флеш вести: Гаспром до ЕК ќе прати предлог за договор во антимонополскиот спор

од Vladimir Zorba

gasprom-050111

 

Франкфурт – Дојче банка, која е под притисок од правниот спор во САД со можна голема казна, соопшти дека во третото тромесечје имала профит од 278 милиони евра. Профитот е остварен откако банката ги зајакна финансиските резерви како заштита од загуба. Овој профит стои спроти загубата од шест милијарди евра пред една година, кога таа најголема германска банка имала еднократен трошок поради падот на вредноста на нејзиното инвестициско одделение.

Брисел – Гаспром наскоро на Европската комисија ќе прати предлог за договор во антимонополскиот спор, соопшти руската гасна компанија по преговорите со претставниците на ЕК. „Имавме конструктивни преговори, а сите страни покажаа подготвеност за наоѓање на взаемно прифатливо решение. Сега работиме на крајна варијанта на нашиот официјален предлог за договор. Овој документ ќе биде пратен до Европската комисија наскоро” – изјави заменик директорот на Гаспром Александар Медведев.

Виена – Економската советничка во амбасадата на Србија во Виена Нада Кнежевиќ вели дека се очекува стоковната размена на Србија и Австрија оваа година првпат да достигне милијарда евра. Според нејзините зборови, српскиот извоз во Австрија во 2016 година расте по стапка од 14 отсто, додека извозот на австриската стока во Србија по стапка од 8 отсто. Нада Кнежевиќ тоа го кажала на група српски новинари кои престојуваат во Австрија.

Лондон – Британската економија во периодот јули-септември порасна повеќе од очекувањата, за 0,5 отсто, по ненадејната одлука на британските граѓани земјата да излезе од ЕУ. Меѓутоа, тој раст е малку понизок во однос на растот од 0,7 отсто од второто тромесечје, но е над средната прогноза на економистите кои ги анкетираше Ројтерс од 0,3 отсто. Во однос на третиот квартал минатата година, британската економија забрза на 2,3 отсто, што е најбрзо темпо на раст за повеќе од една година, според прелиминарните податоци на британската Канцеларија за статистика (ONS).

Софија – Бугарија се согласи да плати на Русија над 600 милиони евра отштета поради откажување на плановите за изградба на нуклеарна електрана на Дунав. Бугарската државна електроенергетска компанија НЕК „во целост ќе го исплати” наведениот износ на рускиот нуклеарен гигант Атомстројекспорт до 25 декември, соопшти бугарското Министерство за енергетика.

Волфсбург – Германскиот автомобилски гигант Фолксваген соопшти дека остварил нето профит од 2,28 милијарди евра (2,49 милијарди долари) во третото тромесечје. Овој профит доаѓа по големата загуба пред една година поради глобалниот скандал поврзан за лажирање на тестовите за емисијата на штетни гасови од дизел автомобилите. Профитот на групата во трите месеци, заклучно со септември, е благо намален од прогнозата на аналитичарите кои типуваа на износ од 2,45 милијарди евра, но претставува огромен раст во однос на нето загубата од 1,73 милијарди евра забележани во истиот период лани.

Рим – Довербата на италијанските потрошувачи падна овој месец на најниско ниво од јули 2015 година. Тоа може да ги закочи плановите на премиерот Матео Ренци за поттик на економскиот раст, оценува агенцијата „Блумберг”. Индексот на довербата на домаќинствата во Италија се спушти во октомври на 108 поени од ревидираните 108,6 поени од претходниот месец, во однос на објавените податоци на статистичката агенција Истат во Рим.

Слични содржини