Бизнис светот денеска

од Vladimir Zorba

 

Берлин – Бе-Ем-Ве, „Фолксваген“, „Форд“ и „Дајмлер“ планираат да изградат околу 400 полначници за батерии на автомобили за следните генерации во Европа. Во нив наместо полнењето кое трае со часови, автомобилие ќе можат да се наполнат за неколку минути. Времето кое е потребно за полнење на батериите е еден од најголемите недостатоци на електричните автомобили во однос на конвенционалните, кои со гориво можат да се наполнат за неколку секунди.

Волфсбург – Инвеститорите на германскиот автогигант „Фолксваген“ побараа поголема транспарентност и реформи во овааа компанија, откако таа призна дека манипулирала со тестовите во САД. – Тоа што најмногу вознемирува е мамењето, како во развојот и усовршувањето на спорниот уред, така и во намерната опструкција на понатамошната истрага, изјави советничката задолжена за инвестиции во норвешката осигурителна компанија КЛП, Aни Берсагел, чија компанија инвестираше во акциите на „Фолксваген“.

Берн – Компанијата „Фереро“ покрена рекламна кампања во обид да ги убеди потрошувачите дека нивните производи, меѓу кои и „Нутела“, не се канцерогени и дека се безбедни. Производителот на „Нутела“ се бори против обвинението дека палминото масло кое го користи во нивната чоколада и кремот од лешници може да предизвика рак. Во мај европското тело за контрола на храната предупреди дека контаминантот кој се наоѓа во облик на храна може да биде канцероген.

Лондон – Британската влада разгледува воведување на такса од 1.000 фунти за секој работник од ЕУ, кој ќе го вработат британските работодавци по излезот на Велика Британија од Унијата. Британскиот министер за емиграција Роберт Гудвил пред Горниот дом на британскиот Парламент рече дека се разгледува воведување на такса на работниците од ЕУ. Гудвил рече дека ќе има програми со кои ќе се дозволи работниците во земјоделството да добиваат краткорочни, сезонски договори за работа во Велика Британија.

Пекинг – Кинескиот пазар на автомобили оствари одличен раст на продажбата од 15 отсто, бидејќи купивачите побрзаа да купат нови автомобили пред истекот на даночните олеснувања кон крајот на минатата година. Автомобилските компании продале 24,4 милиони автомобили, мини комби и спортски возила во Кина, која е најголем светски пазар на возила, покажаа податоците на Кинеската асоцијација на производители на автомобили.

Вашингтон – Американските фармацевстки гиганти изгубија 25 милијарди долари за само 20 минути во текот на прес-конференцијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Вредноста на пет водечи фармацевстки компании на безите се намали за 25 милијарди долари, откако Трамп ги критикуваше поради скапите лекови. Акциите на компаниите „Џонсон енд Џонсон“, „Фајзер“, „Мерик“, „Амген“, „ЕбВи“, „Бристол-Маерс Сквиб“, „Гилид“, „Селген“ и „Ели Лили“, опаднаа од еден до пет отсто веднаш по коментарите на Трамп.

Њујорк – Цената на виртуелната валута биткоин драматично падна откако кинеската централна банка објави дека спроведува истрага на платформата за трговија со виртуелната валута. Народната банка на Кина соопшти дека испратила инспекциски тимови на неколку главни трговски платформи за биткоин во Пекинг и Шангај, по кое вредноста на дигиталната валута драстично падна, при што индексот на биткоинот, кој претставува просечна цена на главните берзи, падна за 15 отсто на 752,11 долари.

Детроит – „Џенерал Моторс“ најави дека добивката пред оданочување во 2016 година е на рекордно високо ниво, како и дека Бордот на директори одобрил откуп на сопствените акции во висина од пет милијарди американски долари, благодарение на силните прогнози за идното работење. Планот за откуп на сопствените акции, по оваа најава, зголемен е на ниво од 14 милијарди американски долари, додека од март 2015 година веќе се откупени акции во вредност од 6 милијарди американски долари. Позитивните прогнози се темелат на зголемената продажба на пазарот во Северна Америка

МИА

Слични содржини