Бизнис светот денеска

од Vladimir Zorba

 

Берлин – Најголемиот европски продавач на чевли „Дајкман“ ќе го продолжи ширењето и оваа година. Во Германија лани биле отворени 61 продавници, а затворени 28, соопшти компанијата со седиште во Есен. „Дајкман“ планира оваа година да вработи 370 нови работници. Продажбата во Германија пораснала лани за 5,9 отсто, на 2,2 милијарди евра, додека ширум светот изнесувала 5,6 милијарди евра.

Љубљана – Има неколку можни сценарија за спас на „Агрокор“, а едно од нив е дел од имотот на хрватскиот концерн да го преземе „Меркатор“, пишува словенечкиот портал Сиол.нет, наведувајќи дека ги има документите на групата доверители. Од овие документи се гледа дека сопственици на обврзниците со кои „Агрокор“ во 2014 година го финансираше купувањето на „Меркатор“ главно се меѓународни хеџ и пензиски фондови, па се разгледуваат повеќе можни сценарија, со цел пред нивното доспевање да ја подобрат можноста за барем делумна наплата.

Минхен – Државното обвинителство во Минхен нареди да се претресат просториите на администрацијата на „Ауди“ во повеќе градови. Тоа е дел од истрагата за скандалот со манипулација на софтверот кој ја покажува вредноста на издувните гасови на автомобилот. Предметот на истрагата е продажба на околу 80.000 автомобили со В6-дизел мотор од 3.000 кубици, кои биле продадени во САД во период од 2009 до 2015 година.

Белград – Истрагата на Европската комисија (ЕК) покажа дека увозот на челик од Србија во ЕУ во периодот од 1 август до 31 ноември 2016 година, не се зголемувал, дознава „Политика”. Во антидампинг истрагата која ЕК на 7 јули лани ја покрена против пет земји, вклучувајќи ја и Србија, најлошо стојат Русија и Бразил, додека Србија е во многу подобра позиција. Конечниот епилог од приказната, која почна откако европското здружение на производители на челик „Еурофер” се пожали челик од пет земји (Русија, Бразил, Србија, Украина и Иран) е продаван по дампинг цени, се очекува на почетокот на мај.

Варшава – Полска може да разгледува усвојување на еврото дури за 10 или 20 години, кога ќе достигне ниво на развој на микро и макроекономијата која ја имаат земјите на еврозоната. Министерот за економски развој на Полска Матеуш Моравјецки рече дека Полска се уште нема стопански и индустриски стандарди кои ги имаат земјите на еврозоната, како по прашањето на развојот, така и по прашањето на висината на платите, како и слободата на движењето. – Ако за 10 или 20 години на развој ги достигнеме микро и макроекономските параметри, тогаш би било можно да се разгледува таа опција, рече Моравјецки.

Варшава – Полската Влада усвои план за изградба на нов аеродром надвор од главниот град Варшава, кој може да стане центар за авиосообраќајот на централна и источна Европа. Со проектот е предвидено аеродромот да може да пружи услуга за до 50 милиони патници годишно, изјави полскиот министер за развој и финансии Матеуш Моравјецки, што е четири пати поголема бројка од прометот на патниците во главниот аеродром во Варшава. Новиот аеродром треба да биде изграден меѓу Варшава и Лоѓ, а се планира да биде отворен во 2027/2028 година.

Осло – Норвешка одобри финансирање на амбициозен проект за изградба на прв тунел на светот за бродови. Државата се впушти во овој проект за да ја олесни пловидбата околу полуостровот Стад. Тунелот ќе биде висок 45 метри, широк 36 метри и долг 1,7 километри. Тунелот ќе биде дизајниран за бродови кои носат до 16.000 тони и кои имаат долен дел до 12 метри.

Вашингтон – Централната банка на САД, Управата на федералните резерви (Фед) ја зголеми референтната каматна стапка по втор пат за три месеци. Фед така сигнализираше дека оваа година ќе има и други покачувања и дека вкупниот раст на каматата ќе биде постепен. Тој потег ја одразува доследната солидност на стопанството во САД и веројатно ќе доведе до зголемување на каматата на некои потрошувачки и деловни кредити. Клучната краткорочна каматна стапка на Фед е зголемена за четвртина процент, од 0,75 отсто на и понатаму ниските 1,00 отсто. /МИА

Слични содржини