Почетна / Актуелно / Бизнис светот денеска

Бизнис светот денеска

 

Анкара – Поради терористичките напади, обидот за воен пуч и политичката нестабилност, „Туркиш ерлајнз“ лани забележа загуба во работењето, првпат по 15 години. „Туркиш ерлајнз“ пријави загуба од 77 милиони долари во 2016 година, а само во претходната година оваа компанија забележа нето профит од 1,7 милијарди долари. Основната причина за ваквата драстична промена се терорирситчките напади на истанбулскиот аеродром, како и обидот за воен пуч во Турција, кои влијаеа на големо намалување на побарувачката и профитот.

Атина – Невработеноста во Грција повторно порасна откако во последното ланско тримесечје достигна 23,6 отсто или за еден отсто повеќе од претходниот квартал. Грчката статистичка служба соопшти дека во периодот октомври-декември 2016 невработени биле 1,12 милиони луѓе, додека во третото тримесечје регистрирани се 1,09 милиони невработени луѓе. Грција има најголема невработеност во ЕУ поради финансиската криза која ја тресе земјата веќе седум години. Рекордната невработеност од 27,8 отсто беше регистрирана на почетокот на 2014 година.

Сараево – Босанската компанија „Енергоинвест“ потпиша договор со властите во Алжир, вреден милион евра, за изградба на далновод од 220 киловати во должина 10 километри. Далноводот што ќе го гради „Енергоинвест“ ќе дистрибуира струја за фабриката за метали ТИРСАМ. „Енергоинвест“ изминатиот период беше ангажиран на изградба на повеќе проекти на трафостаници во Алжир.

Лондон – Автомобилската компанија „Бентли“ може да го пресели своето производство од Велика Британија, откако ќе заврши процесот на Брегзитот. „Бентли“, еден од симболите на британската автоиндустрија, кој моментно е во сопственост на „Фолксваген“, веќе долго прави модели во погонот „Кру“ во Англија, но се чини дека таа традиција наскоро може да прекине. – Извршивме важни разговори со властите за нашата идна соработка. Пред нас е период кога ќе треба да донесеме конечна одлука, изјави директорот на „Бентли“, Волфганг Дурхемајер.

Киев – Украинскиот претседател Петро Порошенко потпиша закон за воведување на санкции на банките во руска сопственост. Во соопштението на украинскиот претседател се наведува дека указот треба да ги спречи филијалите на три руски финансиски институции во Украина, да изнесуваат пари во странство. Со указот се опфатени двете најголеми руски банки „Сбербанк“ и ВТБ, како и развојната банка „Внешекономабанк“, сите три во сопственост на државата.

Москва – Рускиот гигант во производство на алуминиум „Русал“, соопшти дека двојно го зголемил нето приходот во 2016 година, по продажбата на една од своите рафинерии. Акциите на компанијата кои котираат на берзата во Хонг Конг, пораснаа за над два проценти по објавата на ланските резултати од работењето, кои покажаа дека нето профитот на „Русал“ скокнал од 558 милиони долари на 1,2 милијарди долари на годишно ниво.

Пекинг – Кина и Саудиска Арабија потпишаа договори вредни 65 милијарди долари, кои покриваат широк спектар на области од енергетиката до Вселената. За време на едномесечната азиска турнеја, саудискиот крал Салман го посети и Пекинг, во рамки на обидите на официјален Ријад да ги промовира инвестициските можности на својата земја. – Претседателот на Кина Си Џинпинг и кралот Салман се стари пријатели. Соработката меѓу Кина и Саудиска Арабија веќе донесе многу поволности и поседува голем потенцијал, изјави кинескиот заменик министер за надворешни работи Џанг Минг. /МИА