Блумберг: Македонија повеќе тежнее кон ЕУ со промената на власта

од Vladimir Zorba

   Бугарија, која во јануари следната година ќе го преземе шестмесечното претседавање со ЕУ, ќе настојува на земјите од Западен Балкан да им обезбеди појасен пат кон членство, со цел да спречи нова нестабилност во тој регион, наведува денеска американската агенција Блумберг.

Бугарската министерка задолжена за претседавање со ЕУ, Лилијана Павлова изјави минатата недела во Софија дека нејзината земја вложува напори со цел ЕУ да им даде поконкретни насоки за придружување на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, БиХ и Косово.

– Европската агенда не можеме да ја смениме во рок од шест месеци, но треба да бидеме во состојба на секоја од тие земји да им претставиме јасен акционен план врз основа на нивните достигнувања и напредок во решавање на нивните проблеми, истакна Павлова, предупредувајќи дека во спротивно ќе се создадат јазови во регионот.

Осврнувајќи се на Македонија, Блумберг оценува дека Скопје ги обнови своите тежнеења кон ЕУ откако оваа година се смени македонското раководство, но потенцира дека Македонија мора да го реши спорот за името со Грција.

Американската агенција, меѓутоа, предупредува дека Брегзит и потенцијалната подлабока криза во ЕУ го свртуваат вниманието од натамошно проширување.

Високиот програмски директор на Европскиот совет за надворешни работи, Весела Чернева оцени дека „Бугарија ќе треба да ги убеди скептичните земји како што се Холандија, Данска, Германија и Франција да ги слушнат проблемите на Западен Балкан“.

Слични содржини