Како што има ‘‘Песна над песните“ има и Борба над борбите за слободата на Македонија и нашите лични слободи и права. Зошто оваа борба на студентите е една таква борба во овој момент во Македонија?

Имено, на универзитетите отсекогаш се освојувала или гушела слободата на мислата во својот зачеток. Универзитетот не е затвор за клонови на авторитаризмот на било која власт туку место – јавна сфера, каде се учи да се мисли и да се ангажира во критички дијалог.

И тоа во сите правци: кон себе и својата предиспозиција (Зен-аспект), својата позиција во светот и кон светот како свет на потенцијалната слобода и солидарност.

lj_frckoski1

Таа критика е базирана на два светилника на слободите, ако можеме да ги наречеме апсолутни вредности: онаа на човековите слободи и права и онаа за способноста за чувствување болка за страдањето на сограѓанинот, солидарноста во избегнување на страдањето (како единствена колективна вредност способна да создаде заедница на слободни и солидарни луѓе).

Тоа го нарекуваме способност и учење за знаење за еманципаторска политика на ослободувањето.

Студентите на Слободниот универзитет учат да можат и знаат да ги доведат во прашање сите други авторитети. Тие не учат да им се покоруваат на авторитетите, туку да ги преиспитуваат во нивната легитимност. Тоа се нарекува радикално образование способно да: сослуша, конфронтира, да го види светот зад превезите на моќта и измамата, зад потрошувачката и стрвноста.

Студентите и професорите мораат да заземат страна, да се ангажираат во одбрана на критичкото мислење и слобода за науката. Во жестока педагогија на слободата да се порази културата на слугување и потчинетост под авторитетите на било која моќ (освен онаа на знаењето).

Образованието е еминентно политичка и морална практика која го легитимира знаењето и доброто како и актерите кои се борат.

Тоа значи дека Универзитетот мора да биде воден од политичката логика каде безусловениот приоритет на политичкото го овозможува него во својата супстанцијалност .

Како вели Тони Морисон: Универзитетите се заштниници на пошироките граѓански слободи и чувари на демократските придобивки , а демократијата е одржлива само низ ниво на граѓанска писменост за правата и поширокото јавно добро.

Тоа не може да се создаде на Универзитетот ако тој не е автономен – затоа се бориме за тоа!

Автономијата на европските универзитети е историска придобивка, право вградено во нивната вековна традиција почнувајќи од Болоњскиот (13-ти век) па до ден денес. Актот “Аuthentica habita” со кој била востановена автономијата на првиот Болоњски универзитет во тринаесетиот век, ја дефинира таа автономија преку три суштествени права, кои ја чинат европската традиција на слободните универзитети до ден денешен.

Прво: студентот ја признава надлежноста на својот професор врз сите прашања што се однесуваат на студирањето. Ова претставува фундаменталното право, органско единство на актерите на студирањето со јасно дефинирана хиерархија. Тука не се споменува никаков “медијатор“ во ликот на царот, министерот, владата или кој и да било друг.

Второ: правото за финансиска и статусна автономија. Имено, изземањето на универзитетот од таксите и другите давачки во регионот, доделување на пари од државата и давање на право на свои приходи. Експертите тоа го нарекуваат своевидна архи-економска слободна зона на и околу универзитетот.

Трето: правото на физички интегритет. Имено, било забрането физичко малтретирање на универзитетскиот еснаф и упад во физичкиот простор на универзитетот. Тоа експертите го нарекуваат своевидно право на азил во универзитетот.

Денес, овие права се дефинирани во Лисабонската декларација на европската универзитетска асоцијација (2007) и се вградени во статусот на универзитетите и националните законодавства на европските држави. Тие треба, исто така, да бидат вградени и во нашето законодавство во целост, и тоа согласно уставот на Република Македонија.

Според Лисабонската декларација, под универзитетска автономија се подразбира:

Академска слобода – што се огледува во слободата на изразување, негувањето и поттикнувањето критичка мисла и свест кај членовите на академската заедница; определувањето на академските профили; воведувањето и укинувањето академски програми; дефинирањето на структурата и на содржината на програмите врз чија основа се стекнуваат академски степени; определувањето на улогата и одговорноста во поглед на обезбедување на квалитет на програмите и на академските степени, како и слободата во поглед на уписната политика.
Финансиската автономија – се изразува преку слободата на користење на различни форми на собирање и располагање со средствата; можност да се наплатува школарина и да се акумулираат вишоци; да се позајмуваат средства како и право да се стекнува сопственост над земјиште и згради.
Организациона автономија или слобода – која се огледува во конституирањето на управувачки структури и органи; во утврдувањето правила за одговорност, како и во одлучувањето.
Кадровската автономија – што е, всушност, слободата во регрутирањето кадри и одговорност за условите на вработување.

Уставната гаранција на универзитетската автономија која ја содржи нашиот Устав – член 46, претставува најсилен правен статус на некое право. Имено, таа не само што ја признава и штити, туку и ја гарантира автономијата на универзитетот.

Уставната гаранција подразбира дека правото на автономија на универзитетот, уставно има позиција која му обезбедува дополнителен државен ангажман за негово остварување во практика. Тоа, исто така, значи дека субјектот на правото, во овој случај, автономниот универзитет, има право не само на признавање и заштита, туку и на поткрепа од страна на државата на неговиот автономен статус, притоа без мешање во остварувањето на автономијата, како и самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статут во согласност со закон.

Слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничката дејност, односно творештво и применувачка дејност, вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно претставување на научните резултати и уметничките достигања,
Слобода на студирањето, утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно-образовните дејности и на проверката на знаењата на студентите,
Слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала,
Слобода на изборот на методот на интерпретирање на наставните и уметничките содржини,
Утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус, како и други видови на образование.
Подготвување, усвојување и остварување на научно – истражувачки програми и применувачка работа,

Ова сè е отидено низ вода со загазувањето со чизмата на власта во оваа автономија на Универзитетот од законот од 2011-та па наваму. Затоа ова мора да се урне со нов закон кој ќе ја ревоспостави уставната автономија на најширока основа, со зона на резервиран домен за саморегулацијата на Универзитетот во областите опишани погоре. Затоа студентите мора да ја радикализираат агендата на движењето низ целата палета на позицијата на високото образование, а не само за државниот испит и критериумите за изборот на професори во звања.

Треба да ја подигнат праксата на нов политички говор до ниво на полис кој се движи кон нов вид заедница – универзитетска република, која е замислива без државната интервенција, без држава воопшто!

Жак Дерида вели дека демократијата бара мошне ургентна ангажираност бидејки е концепт кој ветува демократија-која-допрва-ќе-дојде. Тој момент на невозможната желба станува возможен само од моментот кога се чини невозможен! Таков е моментот на студентското движење денес во Македонија.

Ален Бадју пак, за тој момент вели дека е настан кој го менува светот и животот. Да се промени животот, што изгледало невозможно, сега е на дофат! Таа сокриена можност на стварноста ја отворивте вие студенти од Пленумот!

Затоа наша цел е отворен и неусловен Универзитет (Дерида). Слободен, кој ќе ја врати својата уставна автономија која му е украдена и на кој ќе може да се каже сè (не и што годе, не и говор на омраза) и на кој можат да се застапуваат и експериментални научни тези кои на прв поглед можат да вознемируваат. Универзитет кој создава студенти – личности способни да мислат со своја глава.
Универзитет кој создава нов политички јазик, еманципаторски јазик кој ги држи во фокус глобалните наративи на развитокот и ослободувањето на целината на општеството.
Студенти интелектуалци кои се морални сведоци на клучните дилеми на општеството во кое живеат.
Нормално, таа и таква борба се одвива во сенката на скандалот. Тоа е насловувањето на последните посегања по автономијата како „реформи“! Тоа не се реформи и тие не се реформатори – тие се реакционерни опсесивни типови инспирирани од анти-интелектуална омраза на популистите.

И сега што да се прави, како понатаму?

Движењето на студентите мора да преживее, ако тоа умре – умира сè она што е битно! Тоа ја направи клучната разлика и тоа мора да оди понатаму!

Преговорите за законот водени од Ректоратот, се обусловени со императивот на преживување на движењето, треба да се раздвојат за да се избегне заглавување и разочарување. Треба да се отпочне со изработка на свој неусловен закон за високо образование како идеален модел со кој сè што ќе се постигне ќе се компарира. Тоа би бил работниот погон околу кој окупацијата ќе се организира да продолжи.
Треба да се отвори агендата за ‘‘бесплатно студирање“ која мора да го доведе во фокус затворањето и рационализацијата на мрежата универзитетити и факултети отворени последниве години од власта со цел удар врз автономијата и квалитетот на високото образование, негово осиромашување и правење зависно од власта.
Треба да се собере буџетот кој е доволен и за стандардот за бесплатно студирање на студентите и за нивото на плаќање на професорите. Тој и таков буџет мора да се раководи од независно тело со мнозинство од Универзитетот.

Не смее да се откаже движењето од удар кон денешниов Универзитетот кој е субординиран на партиската моќ (видете го ректорот, вие го дигнавте од политичко понижување, а тој трча да ги задоволи МОН и владата). Од толпата професори чиј говор е измама и ја уништува идејата за Универзитет (Прерадикални сте, ние сме прифатливи за власта … ние сме учени неутралци претворени во де-факто слуги од мизерен вид на власта …)

Универзитетот е темелно декинтиран, дефундиран, обеспарен и понижен (а се бараат стандарди за истражување и објавување?).
Студентите се претвораат во партиски клонови во потрага за вработување, а универзитетот е сервис на државата, администрацијата и слабиот бизнис. Како вредности се промовира молчењето , авторитетите на власта се промовираат во светости, ноевската неутралност е доблест и се бара од професорите учена „ушкопеност“ наречена деполитизација .

Доле со лажните, смртни гревови на поробениот универзитет.
Да живее слободата на критичкото знаење, новиот политички говор на движењето и солидарноста во слобода!/ Либертас – Љубомир Д. Фрчкоски

Слични содржини