БПЦ нема самостојно да одлучува за барањето на МПЦ-ОА, сметаат експертите

од Vladimir Zorba

Бугарската православна црква нема самостојно да одлучува за барањето на МПЦ-ОА таа да и биде црква-мајка и да и помогне во признавањето на нејзината автокефалност. Ова е ставот на историчарите и познавачите на црковните прашања кои во Топ Тема на Ваша страна изнесоа став дека за прашањето на МПЦ-ОА ќе се решава во кругот на православните цркви.

„БПЦ нема да ја донесе одлуката самостојно – ќе се консултираат со СПЦ, со Грчката црква, Московската патријаршија и тоа може да трае неколку години“, е ставот на универзитетскиот професор Љупчо Ристовски, кој освен тоа смета дека е несреќна и кованицата која ја употреби МПЦ-ОА во барањето до БПЦ за црква-мајка.  Според Ристовски МПЦ-ОА требаше да испрати писмо до сите православни цркви за  признавање и да се ставии во втор план барањето на мајка-црква. Ристовски меѓу другото смета дека МПЦ-ОА со барањето е употребена за политички цели, со оглед дека БПЦ е под влијание на Руската црква, која пак поради сличниот проблем кој го има со Украинската црква нема да дозволи признавање на МПЦ-ОА.

Ристовски упати и остра критика до МПЦ-ОА за немање конзистентен пристап кон нејзиното признавање, но и за внатрешно неединство во Синодот кое се одразува со недоследност во статегијата како таа да се етаблираат во православниот свет.

„Нетранспарентноста пак на Синодот за писмото покажува дека има голема подвоеност по ова прашање во самиот Синодот“, смета Ристовски, кој писмото на МПЦ-ОА го оцени и како знак на очај.

Историчарот Владо Поповски пак во Топ Тема на Ваша страна го изнесе ставот дека иако во православието црквите се во средина меѓу самостојноста и државата, сепак прашањето на МПЦ ќе се решава во кругот на православните цркви кои ќе градат заедничко мислење по ова прашање. Поповски смета дека и освен црковните прашања врз нивниот став ќе влијае и актуелната политичка ситуација.

„Црквите нема да се изјаснат додека не видат како се движат работите на Македонија со евроинтегрирањето“, вели Поповски.

Универзитетскиот професор Цане Мојановски смета деке е тешко да се предвиди реакцијата на Српската црква на барањето на МПЦ-ОА.

„За СПЦ црковното прашање во Македонија е решено и тешко е да се предвиди нејзината реакција. Но сепак таму постојат определни структури кои се подготвени да преговараат“, смета Мојановски.

Во Бугарија,почна Национална петиција за поддршка на БПЦ да и биде мајка Црква на МПЦ

Потегот на МПЦ-ОА со писмото Мојановски го толкува како крик кој треба да ги мотивира другите православни цркви да се активираат во нејзинотот вклучување во нивното семејство. /ТЕЛМА

Слични содржини