Двете се свештенички ќерки, двете се амбициозни и трудољубиви. Меѓу германската канцеларка и британската премиерка се можни многу паралели. Колку тоа ќе им помогне во преговорите, анализира Дојче веле.

0,,19365213_302,00[1]

Лесно е повлекување паралели меѓу двете шефици на влади. И Меркел и Меј на власт во своите конзервативни партии се дојдени сочекувајќи исход од доминантно машка борба. Ангела Меркел остана последна во рингот откако во 1999. година канцеларот Хелмут Кол и неговиот најверојатен наследник Волфганг Шојбле паднаа како жртви во скандалот со донации за Христијанско демократската унија. Така Меркел во април 2000. година дојде на чело на ЦДУ.

Како своевремено и Маргарет Тачер, првата жена во историјата на чело на британската влада, и Меркел и Меј често биле оценувани за аутсајдерки, па морале со огромен труд и големи амбиции да се изборат во сексистичките, привилегирани и традиционално ориентирани политички институции. Во тоа секако на Маргарет Тачер и на Ангела Меркел им помогна тоа што двете се стекнале со дипломи од областа на природните науки, а на германската канцеларка и на Тереза Меј тоа што двете се ќерки на протестантски свештеници.

Топката се тркала и натаму

Покрај овие, помалку важни паралели, Меркел и Меј делат уште голем број подлабоки сличности. „Мислам дека споредбата е на место“, вели Јозеф Јанинг од берлинскиот огранок на тинк тенкот Европски совет за меѓународни односи. „Тие имаат сличен поглед на водење политика: прагматично се фокусирани на непосредниот следен чекор, а не на возвишени визии за децении пред нас.“

Уште една особина која Меј би можела да ја направи омилена кај германското раководство е нејзината репутација на авторитарна личност која ја стекна во Министерството за внатрешни работи, спроведувајќи цврста политика кон имигрантите и проширувајќи ги надлежностите на владата.

„Таа е класичен министер за внатрешни работи“, вели Јанинг. „А класичен министер за внатрешни работи, барем според видувањето на Германците, е човек кој спроведува ред и закон. Таков министерза внатрешни работи беше Шојбле, таков се обидува да биде и актуелниот министер, Томас де Мезие.“

Ваквата репутација на Тереза Меј беше причина поради која во германската влада дојде до големо олеснување по информациите дека таа ќе биде премиерка, посебно поради алтернативите: лажниот популист и шоумен Борис Џонсон (во меѓувреме именуван за министер за надворешни работи), неискусната пратеничка Андреа Лидсом или државниот секретар Мајкл Гоув, познат по неславната изјава дека на британскиот народ му „е смачено од експерти“. Сите тројца беа гласни заговорници на Брегзит.

„Можеби во дебатата ќе се врати малку рационалност“, изјави за „Шпигел“ Херберт Ројл, шеф на пратеничката група на ЦДУ во Европскиот парламент. Слично мисли и Јаинг: „Сметам дека реакциите во Германија се позитивни, зашто ова е подобро отколку што сите се надеваа непосредно по референдумот во јуни. Се чини дека топката и натаму се тркала.“

Повеќе менаџер отколку лидер

Можно е Тереза Меј да не брза многу. На судбоносниот референдум таа беше на страната на оние за останување во ЕУ, но не претерано страсно, што во претстојните деликатни преговори за Брегзит внесува доза на неизвесност.

„Тоа значи дека таа мора да победи на двете страни на спектарот, зашто ни тие за излез, ниту тие за останување во ЕУ не ја сметаат за своја“, проценува Јанинг. „Нејзиниот прагматизам и‘ дозволува да ја спроведе секоја одлука, било каква и да е, без со компликувани приказни да објаснува зошто нешто мора да направи. Таа го спроведува тоа зашто така е одлучено и таа само имплементира. Таа е повеќе менаџер, а помалку лидер, зашто менаџерот мора секогаш да бара согласност од управниот одбор.“

Во вторникот, на веста дека Тереза Меј ќе стане британска премиерка, Ангела Меркел реагираше вообичаено воздржано. Немаше срдечни честитки, ниту топли изјави дека „се радува на идната соработка“ со Меј. „Задачата на новиот премиер ќе биде да внесе јаснотија во прашањето какви односи сака да гради Британија во иднина со ЕУ“, рече канцеларката по средбата со ирскиот премиер Енда Кени.

Всушност, има многу причини да се очекува, без оглед на сличноста, Ангела Меркел и Тереза Меј да не бидат во голема хармонија. Првенствено, и едната и другата се под притисок да останат тврди, во време кога ЕУ се соочува со ризик една по една земја-членка да почнат да се свртуваат првенствено кон сопствените национални интереси.

„Многу нешто зависи од начинот како Меј ќе го употреби својот прагматизам“, уверен е Јанинг. „Ако има реален пристап кон она што Британија може да го очекува од ЕУ во замена за пристап кон единствениот пазар, тогаш мислам дека работите ќе тргнат на добро. Но, ако го користи прагматизмот за да се обиде да издејствува максимален исход за Британија на сметка на другите, тогаш нема да помине добро со Меркел.“

Слични содржини