Oваа сабота одиме без анегдоти, а ја посветуваме на најзначајниот глобален настан, вчерашното изјаснување на британските граѓани дека ја напуштаат Европската Унија, како и импликациите за Република Македонија.
Најнапред, коментар за двата настани што ја обележаа македонската реалност оваа недела. Првиот беше неуспешната прослава на 26-годишнината на ДПМНЕ, кога во текот на прославата беше уапсен, па ослободен активист на Шарената Револуција кој се обиде да постави транспарент со натпис „Кога ќе славите 10 години МВРО“.

Jasna Koteska3

Веста за неговото апсење ги сруши рекордите на гледаност на интернет, па на агрегатите за вести роденденот на ДПМНЕ таа вечер се движеше помеѓу второто и третото место. Доколку полицијата му дозволеше на активистот да го постави транспарентот, постапувајќи според Законот за јавни собири, тогаш и роденденот на Партијата ќе пројдеше со многу поголема медиумска видливост. Овој неочекуван пресврт само ја докажува прастарата вистина. Во држава во која полицијата се злоупотребува за потребите на мала политичка клика, губат сите, па дури и самата клика. Од светлата страна на нештата, владејачката партија и немаше што особено да прославува, имајќи го предвид фактот дека година и пол по бомбите на опозицијата, во Владата веќе не е останат никој од најударните соработници на поранешниот премиер. Па така, партијата узурпирана од Груевски роденденот го прослави соодветно на важноста што ја има денес: со локален хепенинг, медиумски преклопен од апсењето на демонстрант од Шарената Револуција.

Вториот настан е јавното обраќање на Иванов. Овој државнички говор од 20-тина минути веќе влезе во аналите на македонската политика како прв говор на македонски претседател кој се заканил со армија против народ. Еден од институтите за демократија следниот ден излезе со компјутерска обработка на неговиот говор, во кој четирите најфреквентни зборови се: „Македонија“, „држава“, „опозиција“ и „јавно“. Со оглед на тоа дека Иванов се закани со армија, останува дека метата против која евентуално би се употребувала армијата би била опозицијата, но ете за среќа, Иванов државнички се воздржал. Ова парче текст во моментов заслужува само олку внимание, оти тоа веќе си обезбеди место во идните анализи на најмалку две дисциплини, безбедноста и клиничката психологија.
Брегзит, ЕУ и демократијата во Македонија

Најтажната вест на неделата сепак е британското излегување од ЕУ. За Република Македонија Брегзит значи неколку споредни и една важна работа. Важната е дека со британското излегување од ЕУ, Македонија губи важен и моќен пријател за поддршка на нашето членство во Европската Унија.

Во општа смисла Брегзит донесува победа за неколкумина политичари во и надвор од Британија: најнапред, за поранешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, кој е и еден од најверојатните кандидати за водач на партијата на Ториевците, потоа за контроверзниот политичар Најџел Фараж, како и поени за повеќе десничари низ Европа, од Марин Ле Пен до Герт Вилдерс. Со помал ќар добитник е и Путин, а најмногу од Брегзит во моментов добива Шкотската национална партија, која по првиот пропаднат референдум, сега најверојатно одново ќе распише референдум за напуштање на Британија. Во феноменолошка смисла, освен што Брегзит донесува преместување на редица европски политичари од маргините во центарот на политичкиот мејнстрим, овој настан може да предизвика и домино ефект со отворање референдуми во другите земји за излегување од Европскиот проект, нешто што впрочем вчера веќе го најави и Вилдерс, кога изјави дека „Сега е наш ред“, алудирајќи на можен референдум за излез на Холандија од ЕУ.

За Република Македонија, пак, освен веќе спомнатото губење на активната поддршка од Велика Британија за наше членство во ЕУ од внатре Унијата, Брегзит значи и повеќе споредни работи.
Прво, преседанот со Брегзит може да значи дека во некоја потенцијална иднина не е исклучен и евентуален Грегзит, па ќе треба да се анализираат последиците што тој чин би ги имал врз нашата земја.

Второ, Брисел од вчера има повеќе грижи од тие што и онака ги имаше, па ќе има и помалку капацитет да се сконцентрира на демократијата во Република Македонија. Тоа стана јасно уште вчера, кога американскиот амбасадор Бејли на себе ја презеде пораката дека меѓународната заедница не се откажува од демократските процеси во Република Македонија и го повтори она што последниве месеци вообичаено го порачуваа европските дипломати: дека сите политички партии во земјава мора да работат на отстранување на пречките за нормално работење на СЈО (без разлика дали е тоа по волја на Груевски и на Иванов), и дека земјата мора да се движи кон ЕУ и НАТО.

Американскиот амбасадор инаку беше на Кокино за да најави дека УСАИД и Владата на Швајцарија ќе ја реставрираат мегалитската опсерваторија Кокино. Таква реставрација македонската влада не направи цели десет години, затоа што Груевски својот мандат го потроши за да изгради својата верзија на мегалитска населба во центарот на главниот град, под кодното име „СК014“, како дивоградба што ја прогласи за културно наследство, додека во исто време фактичкото културно и цивилизациското наследство го остави на згрижување на невладините организации и на странските амбасади, истите оние против кои, тој и неговите соработници, се огласуваат секој втор ден.

Трето, Брегзит покажува тренд на глобално движење на Европа кон десницата, кон ксенофобија, шовинизмот, кон поддршката за крупниот капитал, кон затворањето на мобилноста и кон враќањето на земјите во националните граници. Ваков антиевропски сентимент веќе постои во Холандија, Франција, Данска, Шведска, Австрија, Полска, секако Унгарија. Иако сентиментот е изроден од отпорот на граѓаните против политичките елити, парадоксот е дека најголемата цена за овој популистички сентимент на крајот сепак ќе платат токму граѓаните на Европа во годините што следат.

„Сега, шу прајме“

Со излегувањето на Британија од ЕУ се означува и почетокот на крајот на поредокот воспоставен по Втората светска војна. Иако на Европската Унија треба да ѝ се забележат редица сериозни проблеми со бирократијата, со лицемерието, со нееднаквоста при примената на принципот на егалитарност за сите земји членки, како и за двојните стандарди при билатералните проблеми (за што сведок е токму Република Македонија), застрашувачки е дека отвореноста што владееше по воспоставувањето на Европскиот проект од денес нема да биде иста како што беше вчера.

Европската Унија беше формирана, меѓу другото, и заради држење на национализмот под контрола. Тоа за возврат ја направи ерата по Втората светска војна, за делот од светот кој не беше под комунистичко општествено уредување, релативно најмирна епоха на европско тло во последниве неколку века. Тоа е и причината за желбата на Република Македонија да се приклучи кон европското семејство. Со излегувањето на Британија од ЕУ започнува ера на враќање кон ксенофобијата, антиемигранстката политика и шовинизмот. За нас во Македонија по десетгодишното владеење на десничарското братство (сега во фаза на размонтирање) последиците од ваквите девастирачки политики се горе-долу веќе познати секому. Но, Европа се чини допрва ќе треба да го учи истото на потешкиот начин. И не само Европа, туку и Америка, каде кампањата на Доналд Трамп е базирана на истата популистичка комбинација од ксенофобија и антиемигрантска политика.
А токму Трамп го даде и најкомичниот коментар за Брегзит. По објавување на резултатите од референдумот, Трамп кој беше на отворање на голф клуб во Шкотска, порача дека Британија конечно „ја презема државата назад во свои раце“. Реченицата е ултра иронична ако се знае дека токму сега за Шкотска се отвора можноста да го обнови процесот за излез од Британија, па Британија дури сега се наоѓа во ситуација, да ја изгуби државата од свои раце.

Во извесна смисла, политиките на Трамп, Фараж, Ердоган и редица десничари од Европа и Америка имаат слични корени со десетгодишната политика на Груевски, а сите заедно претставуваат победа на трампизмот насекаде во светот. Затоа не е случајно што вчера ударна вест беше твитот на поранешната прва полицајка, која на британскиот амбасадор, наводно од својот твитер профил му се обрати со прашањето „Сега шу прајме“, алудирајќи на жаргонот по кој остана запаметена од наводно прислушуваните разговори. Дури и твитер профилот да не е на поранешната министерка, тој твит точно ја погодува атмосферата на нејасно чувство на победа на трампизмот, кој во прв момент се чинеше дека оди во прилог на поранешното владино раководство, имплицирано во злосторнички здруженија.

Брегзит- симболична „поддршка“ за десницата на Груевски

Но, во реалноста работите се покомплексни. Додека радикалната десница во Европа и во Америка е во подем, претполитичкото десничарско братство кај нас е во залез. По десетгодишното владеење, неодамнешната анкета на ИРИ покажа дека разликата во поддршката помеѓу владејачката десница и опозицијата се намалила од 2:1 (во јануари 2016) на 1,5:1 (во април 2016). Ако трендот продолжил, тогаш соодносот сега е уште помал и е можна причина заради која лидерот на опозицијата најави избори во ноември. Но, ако владејачката коалиција во април имала поддршка од нешто над 1/3 од гласачите, тоа не значи дека останатите 2/3 од гласачите автоматски ќе одат на контото на опозицијата. Кој и да ги добие останатите 2/3 од гласовите, ќе треба да се помачи. Особено ќе треба да се помачи ДПМНЕ, затоа што 70 отсто од анкетираните се изјасниле дека на гласачките ливчиња не сакаат кандидати имплицирани во криминални дела. Во таква ситуација, една опција е ДПМНЕ да одржи внатрепартиски конгрес на кој ќе се обиде партијата да ја исчисти од луѓето околу Груевски. Причина повеќе е фактот дека Шарената Револуција во себе обедини разнородни политички профили, од кои еден дел не се левичарски. Демонстрантите од Шарената Револуција ги обедини заедничкото залагање за криминално гонење на политичари имплицирани во злосторнички здруженија и непречена работа на СЈО, за што впрочем се залагаат и сите посредници во кризата од Европа и Америка без оглед на нивната лева или десна политичка афилијација.
Што пак не’ води до најголемиот парадокс. Иако Брегзит во моментов се чини дека претставува симболична „поддршка“ за десницата на Груевски, работите всушност стојат најлошо токму за десетгодишното братство на власт во заминување.

Во ситуација кога ЕУ е ранлива, нема особен простор за посериозни преговори со старата влада во земјава, бидејќи во моментов токму тоа е од помаргиналните прашања за Брисел. Една претпоставка е дека европските и американските политичари ќе имаат помалку време и енергија да се пазарат за балансирани методи во пристапот кон македонската криза. Во услови кога целиот политички писмен свет во ЕУ, вклучувајќи ги и умерено-десните и партиите од центарот се извадени од памет од застрашувачките последици од Брегзит, не само во економска, туку и во идеолошка смисла, малку е веројатно дека тоа ќе му помогне на Груевски да извлече подобри преговарачки позиции за себе и за своите соработници.

Едно можно сценарио е дека во ослабената ЕУ, по излегувањето на Британија, посредниците ќе гледаат што побрзо да кренат раце од пазарењето со Груевски, во која варијанта влечкањето по судовите во годините што следат за поранешната власт може да стане реалност. И колку повеќе посредниците стануваат лути на радикализацијата во нивните општества, толку помалку ќе имаат разбирање за сличните излети во земјите надвор од европската заедница, на кои досега, се чини, гледаа со доза на експеримент, љубопитност, па дури и колонијална неутралност на амбасадори-„патеписци“ од рабовите на Унијата.

Затоа е многу можно токму Брегзит да стане точката на вриење заради која веќе ниеден посредник нема да ја има старата широчина да толерира султанска политика, кога таа станува закана и за европскиот проект и за нивните сопствени земји. Најдени во слична ситуација како и граѓаните во Македонија, можно е посредниците да одлучат дека една кризна точка помалку е подобро и за нивните политики дома.

Јасна Котеска
извор: Дојче веле

Слични содржини