„Брима Галуп“: СДСМ и Заев со поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и од Груевски

од Vladimir Zorba

Рејтингот на СДСМ е за 2,6 отсто повисок од тој на ВМРО-ДПМНЕ, покажува најновата анкета на „Брима Галуп“ спроведена непосредно по изборот на новата Влада од 2 до 12 јуни 2017 година.

Рејтингот на СДСМ е 22,4 отсто, на ВМРО-ДПМНЕ – 19,8 отсто, ДУИ има 7,3 отсто, Беса и Движењето за реформи на ДПА имаат по 4,3 проценти, а ДПА е со најнизок рејтинг од 1,8 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ, во сегментот на етничките Македонци, има предност од 0,9 отсто, но СДСМ го поддржуваат 6,3 отсто од етничките Албанци, а исто така партијата е во предност пред ВМРО-ДПМНЕ и кај гласачите од другите етнички заедници.

Резултатите покажуваат дека дошло и до промени во рејтингот на политичарите, па сега највисок рејтинг има Зоран Заев за кого се одлучиле 17,7 отсто од испитаниците и е пред Никола Груевски, чиј рејтинг е помал од тој на Заев за 4,7 проценти и изнесува вкупно 13 отсто.

Али Ахмети кај албанскиот електорат има предност пред Зијадин Села и пред Билал Касами. За Ахмети како политичар, во кого имаат најмногу доверба, се определиле 23,8 отсто етнички Албанци, за Села се определиле 15,9 отсто, а за Касами – 13,9 отсто.

Најголем дел, односно 29,8 проценти од вкупниот број испитаници се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден политичар./META

Слични содржини