Бројот на заболени од туберколоза се намалува, регистрирани 267 случаи

од Vladimir Zorba

Во Македонија се намалува бројот на заболени од туберколоза. Од 628 случаи во 2000 година минатата година се регистрирани 267 случаи што е за 17 случаи помалку во однос на претходната година. Иако бројот рапидно опаѓа надлежните на Светскиот ден за борба против туберколозата порачуваат дека активностите треба да продоложат и да се постигне целта до 2030 година да нема заболени од туберколоза.

На денешното одбележување на Светскиот ден – 24 март, Јованка Костовска од Министерството за здравство потенцира дека не се задоволни од овие бројки и посочи за борба против туберколозата годинава се зголемени финансиските средства од 7 милиони лани на 25 милиони денари и оти и активностите се зголемуваат на 60 од претходно 10.

Според неа најважно е за туберколозата, што се смета болест на минатото, а ја има и денес во Европа, таа навреме да се открие.

– Во Република Македонија се применуваат најновите стандардни за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулозата, кои се инкорпорирани во Националната стратегија за туберкулоза. Благодарение на усогласените активности и мерки за контрола на болеста во нашата земја, од 2002 година до денес бележиме континуирано и постепено намалување на вкупниот број на новооткриени случаи со ТБ, беше посочено на денешната прес-конференција.

Билјана Илиевска Попоска, национален координатор за туберкулоза потенцира дека лани во земјава починале 23 лица на постара возраст со туберколоза и оти карактеристично е што причина за смртта било некое друго заболување. Бројот на оние кои повторно се разборуваат во Македонија се намалува и изнесува 8,6 проценти или 23 повторно лекувани случаи. Меѓу болните 25 биле деца или 5,8 проценти од вкупно регистрирани. Како што посочи децата се од две семејства кои се разболеле од возрасни, бидејќи како што појасни децата до десетгодишна возраст не се преносители на инфекцијата.

– Туберкулозата во Македонија сè уште е болест на младата популација, и во тек на изминатите години најмногу застапени беа лицата на возраст од 25-45 години. Во тек на 2015 година бележиме поместување кон постарата популација што претставува добар прогностички индикатор така што во 2016 најголем број од болните – 16,5 отсто се на возраст над 65 години или 44 лица потоа следи возраста 25-34 години – 16,1 отсто или 43 лица, рече Илиеска Попоска.

Таа ги посочи новите случаи во затворите и психијатриските болници. Во затворите, како што рече, имало три случаи, а во психијатриските болници четири, но го истакна фактот дека тие може да ја пренесат болеста на повеќе лица.

Според изнесените податоци почесто заболува машката популација од вкупниот број 63,3 проценти се мажи. Лани е забележано и намалување на вонбелодробните форми со туберкулоза кои изнесуваат 54 случаи или 20,2 отсто, а случаите со белодробна локализација на туберкулоза изнесуваат 213 или 79,8 проценти.

Според Илиевска Попоска важно е што во Македонија нема регистрирано ХИВ позитивни лица меѓу болните од туберкулоза.

Годинава Светскиот ден на борба против туберколозата се одбележува под мотото „Здружени да ја елиминираме туберколозата – никој да не биде заборавен“./a1on

Слични содржини