Во извештај што е финансиран од британската хуманитарна организација „Оксфам“, бугарските власти се обвинети за груб однос кон мигрантите, информира Би-Би-Си.

мигранти

Извештајот е изготвен врз основа на сведоштва на мигрантите кои пешки оделе низ Бугарија за Србија и цитира мноштво тврдења за претепувања и рекет од страна на полицајци.

Извештајот го изготви Центарот за човекови права од Белград и е финансиран од „Оксфам“. Тој посебно внимание им посветува на опасностите кои мигрантите ги чекаат на турско-бугарската граница и подоцна, кога се обидуваат да преминат во Србија.

Во детали се опишани барањата рекет од страна на бугарската полиција, физичкото насислство над мигрантите и напади од полициски кучиња.

Извештајот се темели на разговори со над 100 бегалци, кои во српскиот пограничен град Димитровград пристигнале од Бугарија. Тие биле спроведени во само три дена од октомври.

– Во светлината на сигнализираните злоупотреби ЕУ треба да се замеша и да преземе конкретни дејствија за да ги одбрани основните човекови права во своите граници, изјави директорот на „Оксфам“ за југоисточна Европа, Стефано Балдини.

Минатиот месец авганистански мигрант беше убиен од бугарски граничар, откако од Турција влезе во оваа земја. Властите соопштија дека тој бил убиен од рикошет при предупредувачки истрел, потсети Би-Би-Си.

Извештајот е коментиран и од британските дневни весници „Дејли експрес“ и „Дејли телеграф“.

„Дејли телеграф“ посочува дека интервјуата, на кои се темелат изводите од извештајот, се со мигранти кои во поголем дел дошле од Сирија, Ирак и Авганистан. Во едно од интервјуата авганистански мигрант, чие име не се соопштува, раскажува за платен поткуп од 400 евра по апсење надвор од Софија.

Весникот „Дејли експрес“, пак, цитира конкретни случаи на насилство врз мигранти. Меѓу нив се и случајот на 15-годишен авганистански мигрант, кој тврди дека бил тепан и ограбен од полицаец или на 20-годишен авганистански градежен работник, кој го опишува своето преминување преку Бугарија како многу лошо изживување. Се зборува и за случаи на насилство, во кое биле употребени кучиња, вода или пиштоли, дополнуваат двете британски изданија.

Слични содржини