ydft
Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, тутун, облека и употребуван дел за камион.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 1.500 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонска државјанка, која допатувала со лет од Келн, Германија. Патничката, која заедно со нејзиниот сопруг биле селектирани за детален преглед, се обидела да ја избегне контролата со напуштање на царинската зона, но откако била вратена назад и бил извршен личен претрес, во плик сместен во внатрешен џеб од палтото и во нејзиниот паричник, биле пронајдени вкупно 11.500 евра. Согласно законските прописи, на патничката ѝ биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата.

Цигари и тутун

– 6,12 килограми режан тутун, откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со Министерството за внатрешни работи.

За излез од Република Македонија на малограничниот премин ГП-Голема Црцорија-Голеш се пријавил бугарски автомобил, управуван од српски државјанин. Мобилните царински тимови во соработка со полициските службеници од преминот извршиле контрола на возилото, при што под предните седишта биле пронајдени 5 кеси, во кои, според изјавата на патникот, имало околу 5 килограми режан тутун. Пронајдениот тутун бил преземен од полициските службеници, а возилото било однесено на граничниот премин Деве Баир, каде била извршена дополнителна контрола. Притоа во фабрички прегради под задните седишта биле пронајдени уште две најлонски кеси, со околу 1,7 килограми режан тутун. Откако било извршено мерење на сите 7 кеси, било утврдено дека вкупната маса на откриениот тутун изнесува 6,12 килограми.- 111 штеки цигари марка Марлборо, откриени во два одвоени случаи, на граничниот премин Меџитлија.

Во првиот случај, при контрола на багажниот простор на италијански автомобил, управуван од италијански државјанин, пријавен за излез од државата, се пронајдени 99 штеки цигари Марлборо, со македонски акцизни маркички, од кои 15 штеки биле пронајдени во долниот дел на патна торба чиј патент бил залепен со лепак, 34 штеки биле пронајдени под поставата на друга патна торба и 50 штеки во просторот за резервна гума и алат на возилото.

Во вториот случај, при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата, се пронајдени 12 штеки цигари Марлборо Голд и Марлборо Едге без акцизни маркички. Цигарите биле сокриени во перничиња сместени на задните седишта на возилото, во потпирачите за раце помеѓу задните седишта, под патосниците зад совозачкото седиште и во торба сместена во багажникот.

Облека

– 256 парчиња машка и женска облека (фармерки, панталони, блузи, кошули и здолништа), откриени при контрола на грчки автомобил, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената облека, сопственост на албански државјанин, патник во возилото, е пронајдена во три црни кеси, сместени позади предните седишта и во багажниот простор на возилото.

Автоделови

– 1 употребувана глава за волан за товарно возило ДАФ, откриена при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавениот производ е пронајден во најлонска кеса, сместена пред совозачкото седиште на возилото.

Измама

На царинската испостава Скопје 4 откриен е обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно распоредување на стока според царинската тарифа.
Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење водоотпорна иверка, декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. По извршениот детален преглед на стоката и документите, констатирано е дека пријавената стока се распоредува во друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 196 илјади денари.

Царинска управа на Република Македонијa

Слични содржини