Чарли Фланеган: Брегзит е лоша и погрешна одлука на Велика Британија

од Vladimir Zorba

Ирскиот министер за надворешни работи, Чарли Фланеган изјави дека одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ е „лоша и погрешна“.

Фланеган смета дека Брегзит ќе биде „болно решение“ за Британците, но и за Ирска, иако Владата во Даблин ќе направи се што може со цел земјата да не се најде ситуација да трпи штета.

Во разговор за Би-Би-Си Њуз, ирскиот шеф на дипломатијата се заложи во текот на преговорите за Брегзит, да се зачува досегашната „зона за движење и патување“ меѓу Северна Ирска и Републиката, на југот од островот.

– Во никој случај не смееме да дозволиме да се врати старата состојба, на цврста граница меѓу Северот и Југот, истакна Фланеган, заложувајќи се ова прашање да биде едно од приоритетните во преговорите за Брегзит меѓу ЕУ и Велика Британија.

Според ирксиот министер, спогодбата од Велики Петок, од април 1998 година е „камен темелник“ за мирот на островот и ништо не би смеело да го поремети договорот од пред 19 години.

Иако критичен за одлуката на Велика Британија да се повлече од ЕУ, Фланеган во разговорот посочи дека ја почитува одлуката на британските гласачи од 23 јуни минатата година и се заложил, другите земји членки на ЕУ, во текот на преговорите да не се залагаат за казнување на Велика Британија.

Исто така, тој оценува дека сегашните ирско- британски односи, инаку оптоварени со минатото, се најдобрите од „било кога досега“.

Разговорот со шефот на ирската дипломатија, доаѓа веднаш по средбата на британскиот премиер Тереза Меј и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, за смирување на тензиите меѓу двете страни пред и за време на преговорачкиот процес.

Меј и Туск се сретнаа во Лондон по „разгорените страсти“ околу идниот статус на Гибралтар, британска прекуморска територија на Пиринејскиот Полуостров, за која Шпанија одамна полага право на суверенитет.

Гибралтар, како и Северна Ирска кои се дел од Велика Британија, по Брегзит ќе бидат надвор од ЕУ, а нивните граници стануваат надворешни граници на Унијата, отворајќи нова ситуација што ќе треба да се разреши во следните две години./a1on

Слични содржини