Чавков за антитерористичката операција на македонските, албанските и косовските служби: Двајца уапсени под сомнеж дека готвеле напади!

од desk3

Министерството за внатрешни работи минатата недела уапсило две лица за кои постоеле разузнавачки информации дека се вмешани во подготвување терористички напади во земјава.

Оваа акција, како што информираше денеска на прес-конференција директорот на БЈБ, Митко Чавков, била дел од регионалната антитерористичка операција во која учествувале македонските, албанските и косовските служби.

mitko-cavkov

Во рамките на акцијата, екипи на МВР извршиле два претреси во Скопје и во селото Арачиново каде бил уапсен едниот од осомничените, 24-годишен жител на селото. Вториот од осомничените, пак, бил уапсен вчера на Косово, откако македонската полиција во соработка со партнерските служби добила информации дека тој се крие таму.

– При извршените претреси пронајдени се мобилни телефони со СИМ-картички, фотоапарати со микрокартички, метален боксирач, регистарски ознаки, куршум, комјутерски куќишта, таблет, УСБ и разна документација – соопшти Чавков.

Против 24-годишниот жител на Арачиново веќе е поднесена кривична пријава за тероризам, а судија на претходна постапка му одредил 30-дневен притвор.

За другото лице, кое е на Косово, ќе биде побарана меѓународна правна помош.

Одговарајќи на новинарско прашање, Чавков не кажа прецизно какви напади планирале двајцата осомничени и само наведе дека благодарение на операцијата сите нивни намери биле осуетени.

Во понеделникот, албанската и косовската полиција соопштија дека во координираната антитерористичка операција биле уапсени вкупно 11 лица, четири во Албанија и седум на Косово.

Од јавното обвинителство за „Мета“ во вторникот потврдија дека Македонија учествувала во операцијата, но деталите дури денеска ги соопшти директорот на БЈБ, Чавков.

 

МЕТА

Слични содржини